Нема отстапување од нормалните параметри за радиоактивност во воздухот

Од:

Во моментов нема никакво, ниту минимално отстапување од нормалните параметри за радиоактивност во воздухот, изјави директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Марија Андоновска. Таа посочи дека пожарот во Трубарево е ситуација со која првпат се соочуваат државата и граѓаните и, рече, „многу е важно да не се политизира и да не се прави паника“.

– Најважно е што сите институции, како што кажа министерот и од моите инфорамции, се веќе вклучени во целиот процес и работат според своите можности и заедно се координираме. Што се однесува до надлежноста на Институтот, ИЈЗ издаде одредени препораки. Да, тоа се општи препораки, но тие се во согласност со сите протоколи и со сите светски стандарди. Било кој институт во светот во ваква ситуација ќе ги издадеше истите препораки. И најодговорно тврдам дека доколку тие, колку и да изгледаат едноставни и обични, сепак доколку овие препораки се почитуваат, особено од граѓаните од ранливите групи, за лицата со хронични заболувања, со коморбидитети, бремените жени и децата, овие препораки можат да придонесат да немаме онакви здравствени проблеми какви што би можеле да имаме, изјави Андоновска пред Универзитетска клиника за токсикологија на прес-конференција со министерот за здравство Азир Алиу.

Таа најави дека ќе продолжат да ја следат ситуацијата и појасни дека Институтот за јавно здравје не ги прави физичко-хемиските анализи во воздухот, затоа мониторингот ќе го прави друга државна институција.

– Ние како Институт законски сме обврзани да правиме мониторинг на квалитет на воздух, почва и вода на радијацијата во воздухот. И можам да кажам дека Институтот располага со најсовремена опрема за оваа намена и со професионалци. Имаме 12 мерни станици на територијата на држвата, од кои неколку во Скопје, кои во реално време, во секоја секунда ни покажуваат дали има отстапувања од параметрите на радиоактивност во воздухот. Според нашите анализи и сознанија, во моментов нема никакво, ниту минимално отстапување од нормалните параметри за радиоактивност во воздухот. Во текот на денешниот и утрешниот ден ќе се направат и дополнителни анализи, не само на воздухот. Наши екипи на ИЈЗ по препорака на министерството и Кризниот штаб ќе пристапат на терен токму во погодените места и ќе ги проверат почвата и водата во овие делови. Ќе бидат проверени и физичко-хемиските својства на водата за водоснабдување во овој период и евентуално алтернативни извори на вода што ги користат и граѓаните на време ќе бидат информирани, изјави Андоновска.

Министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференцијата информираше дека надвор од животна опасност се четирите лица кои побарале помош по пожарот што избувна вчера во складиште за рециклирање отпад во скопско Трубарево.

На Клиниката за токсикологија е хоспитализирана жителка на Трубарево, а другите три лица (припадник на Армијата, директорот на Центарот за управување со кризи и полицаец), веќе се пуштени на домашно лекување.

Директорот на Центарот за управување со кризи Мухамед Али во текот на вчерашниот ден и вечерните часови престојувал повеќе од 12 часа на терен, на местото на настанот, каде се спроведувале интервенции за гаснење на пожарот во Трубарево.

– Поради долготрајното изложување на загадена средина и интензивната работа во координацијата на тимовите и надлежните институции, Али синоќа побара медицинска помош во државната токсиколошка болница. По извршените медицински контроли, неговата здравствена состојба е стабилна и не претставува ризик, информираше денеска ЦУК.

Би можело да ве интересира

Томевски: Успешна интервенцијата на пожарот во Трубарево, целосно е под контрола

За пожарот во Трубарево приведени се четворица

Катерина Ѓуровски

Од „Дрисла“ демантираат дека повторно имало горење: Обид за дефокус од скандалот во Трубарево

Една хоспитализирана пациентка по пожарот во Трубарево, тројца на домашно лекување

Катерина Ѓуровски

Мицкоски: Ова што се случува е резултат на центри на моќ во и надвор од земјава кои сакаат оваа Влада да не успее

Ќе се анализира водата во бунарите, седум дена ќе се мониторира воздухот, ограничено движење на децата во училиштето во Трубарево