По долго и исцрпно преговарање, рано утринава шефовите на држави и влади на 10. земјите-членки на Европската унија плус Македонија и Србија се согласија на 17 точки-заклучоци за итно справување со бегалската криза. Како што јавува МИА од Брисел, три параграфи од 13-тата точка на овој план, а поврзани со менаџирање на границите, се директно поврзани со Македонија.
Овие клучни параграфи предвидуваат: итна имплементација на билатералните мерки за градење доверба, посебно во засилувањето на граничната соработка меѓу Грција и Македонија. Потоа, Грција, Македонија и Албанија да ја засилат контролата на надворешната земјена граница, при што Фронтекс ќе треба да и помогне на Грција во регистрацијата на бегалците и мигрантите кои се уште не биле регистрирани во земјата. Во овој дел е избришано присуството на Фронтекс на границата со Македонија, поради одбивањето на Грција. И последна точка поврзана со нашата земја е „засилена посветеност на УНХЦР на границата меѓу Грција и Македонија”.
На Самитот кој официјално започна синоѓа во 16 часот, а работните тимови веќе „ги пеглаа разликите” од утринатаво 11 часот, на крајот заврши утринава околу еден часот со сериозни измени на точките во планот на Јункер и Меркел.
Ангела Меркел (Германија), Бојко Борисов (Бугарија), Алексис Ципрас (Грација), Зоран Милановиќ (Хрватска), Виктор Орбан (Унгарија), Вермер Фајман (Австрија), Миро Церар (Словенија), Еди Рама (Албанија) и Александар Вучиќ (Србија) се премиерите што беа присутни на овој мини-Самит, на кој исто така присуствува и триото челници на Европскиот парламент, Европската комисија и Европскиот совет: Мартин Шулц, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск, како и Антонио Гутиерез, кој е Висок претставник за бегалци на УНХЦР, Фабрис Легери (Фронтекс) и Роберт Визер (Европска канцеларија за поддршка на азил – ЕАСО).
Во крајниот заклучок од овој мини-Самит, во неговата преамбула најпрво наведува дека “овој досега невиден проток на бегалци и мигранти долж западно-балканската и источно-медитеранска рута е предизвик што не може да се реши преку национални акции”.
– Само определен, колективен прекуграничен пристап, базиран на солидарност одговорност и прагматична соработка меѓу националните, регионалните и локалните власти може да даде успех. Унилатерални потези може да предизвикан верижна реакција. Земјите погодени од оваа криза треба да говорат и разговараат меѓусебе. Соседите треба да работат заедно на рутата, како и со земји како Турција, домаќин на најголем број на бегалци. Ова е единствен начин да се врати стабилноста во менаџирањето на миграцијата во регионот, да го олеснат притисокот на растегнатиот капаците на најпогодените земји и да го успорат протокот.
Понатаму, се смета дека сите земји имаат одговорност и обврска под меѓународното право и пред се во однос на Женевската конвенција и земјите-членки на ЕУ мора целосно да го почитуваат правото на Унијата и дека овие обврски мора да се почитуваат. Се бара бегалците да се третираат на хуман начин на западно-балканската рута за да се избегне хуманитарна трагедија во Европа, а мигрантите што немаат потреба од меѓународна заштита треба брзо да се враќаат во нивните земји на потекло.