Во рамките на Вториот министерски состанок за интеграција на Ромите на Западен Балкан, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска имаше билатерална средба со министерот за човекови права и бегалци на Босна и Херцеговина Милош Лучиќ.
Двајцата министри размениле искуства во делот на процесот на интеграција на Ромите, но разговарале и за други прашања што се од нивна надлежност, како што е родовата еднаквост, но и борбата против насилство врз жените и семејното насилство.
Шахпаска, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, го истакна напредокот што Република Северна Македонија го постигна во процесот на интеграцијата на Ромите, но и информираше за поддршката што преку системот на социјална заштита им ја дава на сите ранливи категории на граѓани.
– Република Северна Македонија вложи многу во процесот на вклучување на Ромите во образованието, од предучилишното, па се до високото образование. Секоја година 400 деца Роми бесплатно посетуваат градинка, обезбедуваме 700 стипендии за ученици и студенти. И тоа дава резултати. Затоа денеска имаме се повеќе Роми кои се на раководни позиции и во јавниот и во приватниот сектор, потенцираше Шахпаска.
Таа додаде дека интензивно се работи и на социјалното домување кое предвидува изградба на станови, но и реновирање и реконструкција на постоечки објекти.
Министерот Лучиќ се согласил дека образованието е предуслов за целосна интеграција на Ромите и оценил дека на тоа треба интензивно да се работи.
Тој нагласил дека Босна и Херцеговина има постигнато значаен напредок во делот на социјалното домување за Ромите, но дека треба да се работи и на политики за вработување на Ромите.
Двајцата министри разговарале за предизвиците со кои се соочија двете држави предизвикани од пандемијата Ковид-19 и ги споделиле искуствата за начинот на кој се обезбеди поддршка за најранливите категории на граѓани.
Во делот на борбата против насилството врз жените и семејното насилство министерот Лучиќ истакнал дека Република Северна Македонија е позитивен пример кој Босна и Херцеговина го следи.
Министерката Шахпаска нагласила дека двата клучни закони – Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за заштита од насилство врз жената и семејно насилство се донесени со поддршка од опозицијата, што е многу значајно за нивна целосна имплементација.