Во кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за предметот на СЈО, „Топлик”. На денешното рочиште обвинителот Бурим Рустеми ги изведува предложените писмени докази на обвинителството. На почетокот на судењето адвокатот на обвинетиот ексминистер за транспорт и врски Миле Јанакиески, Дончо Наков, реагираше на начинот како обвинителот од СЈО ги чита доказите. На ова се надоврза Јанакиески, кој праша дали имаат право да го коментираат изведувањето на доказите.
„Не може да правите анализа на доказите“, му одговори судијата Осман Шабани на Јанакиески. „Имате завршни зборови каде ќе може да ги изложите сите ваши забелешки, а судот е тој што ќе одлучи дали и како ќе ги цени доказите“, рече Шабани.
СЈО во овој предмет има предложено листа од над 600 докази. СЈО денеска изведува различни документи добиени од државни институции, вештачења и известувања за предметот. Во „Топлик“, освен Јанакиески, обвинети се и Томе Ѓурчилов и Димитар Димовски, како и уште четири други лица, членови на комисијата за јавни наддавањa при Министерството за транспорт и врски како соизвршители. Според обвинението на СЈО, тие ја злоупотребиле службената положба и овластување и го оштетиле буџетот за приближно 1 милион евра продажба на земјиште за месноста Сончев град во Сопиште.
Васко Маглешов