Одамна не сум видела толкава харанга и јавна потера против еден човек, како што тоа деновиве владините робови, слуги и сервисери ѝ го прават на Катица Јанева. Практично, сé што се нарекува државна институција или парадржавен пропаганден апарат, води отворена и валкана војна против специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, позната на својот ФБ профил под псевдонимот Кејти Џејн. Сите оние, на чело со бившиот премиер, кои до вчера на секое обвинување за сторени злодела, имаа полни усти за немешање во независноста на судството, сега предничат во клеветите, обвинувањата и заканите против обвинителката Јанева. Не паметам толку злоба, подмолност, недоделканост, примитивно омаловажување, озборување и потценување насочени против една личност, на толку организиран и оркестриран начин, како што тоа се прави последниве неколку месеци на адреса на Катица Јанева.
Почнувајќи од потчинетиот, заробениот, безличниот и анонимен Совет за јавни обвинители, за кој до скоро не знаевме ни дека постои. Истиот тој и таков Совет, преку ноќ се престори во првата линија на одбраната на НЕДЕЛОТО на Груевски, опструирајќи ја Јанева на секој можен чекор и на секој можен начин, до границите на апсурдност и гротеска. Неморалот и безобразието продолжија преку лидерот на владејачката партија, кој на конференцијата на неговото АФЖ, дури и отворено ѝ се закани со „кревање на клоци“. Кулминацијата се одвива деновиве со поднесувањето дури пет кривични пријави против нејзиното обвинителство, со што фактички се операционализира специјалната војна против специјалната јавна обвинителка.
До вчера непознатата гевгеличанка, која како компромис меѓу поглаварите на четирите големи племиња за формирање Специјално обвинителство што треба да ги истражува „бомбите“ на Заев, се нафати да раководи со него, се наоѓа под силен пресинг. Засега успешно одолева на притисокот, си ја врши работата и нејзините први чекори (посебно во делот на случајот „Пуч“ со дозволата обвинитетите да се бранат од слобода) им го брцна прстот в око на малиот диктатор и неговата криминализирана Фамилија. Уште повеќе ги стресе кога побара измени во Законот за сведоци, со што им даде до знаење дека прибира поткрепа на материјалите од аудио снимките, а особено кога од своите редови ги набрка партиските кртови.
Не сум паметна да прогнозирам дали Катица Јанева ќе издржи до крај, бидејќи знам дека против неа е впрегнат цел систем. Ама затоа, пак, знам нешто друго.
Прво, во комплетното лудило со кое е зафатена мојата малечка држава, оваа жена е последниот зрак на надежта дека работите можат да се завршат легално, законски и правно.
Второ, следејќи го „паникомерот“ на власта кој одамна е влезен во црвената зона, чувствувам дека жената е на вистинскиот пат.
Трето, гледајќи ги нејзините умерени и трезвени реакции кои покажуваат секакво отсуство на страв и повлекување, имам впечаток дека женава е исклучително храбра и решителна.
Како таква, не само што ја има освоено мојата почит, мојата поддршка и моите симпатии, туку во неа гледам и моќна брана на она што се нарекува општствена правда и човечка доблест. И немој некој да ми префрли дека претерувам во своите зборови за Катица, бидејќи не познавам многу луѓе кои би ја издржале тежината со која се соочува. А таа се носи со неа.
Иако не ја познавам, морам да ѝ порачам: Издржи другарке, затоа што успехот никогаш не е конечен, а неуспехот никогаш не е фатален. Останува само храброста.
Не си сама, Кејт.
Гордана Попсимонова, универзитетски професор