Од седиштето на партијата на Руфи Османи преку соопштение одговорија на предлогот на Мендух Тачи, НДП да стане дел од ДПА.
„Предизборните и постизборните коалиции се докажана практика и во нашата земја во функција на реализација на политичките цели. Соработката на албанската опозиција ја зајакнува политички опозицијаи ги зголемува политичките мандати на ниво на албанската позиција со реални шанси на наредните избори албанската опозиција да биде победник во албанскиот политички блок”, се вели во соопштението на НДП.
Поведувајќи се од ставот дека соработката на албанската опозиција е национален интерес, Национал-демократската партија го нуди моделот на соработка на ЛСИ-ПС од последните избори во Република Албанија како најадекватен модел за соработка на албанската опозиција во Македонија.
„Во врска со иницијативата на ДПА за соработка, РДК-НДП ги овластува пратеникот Наџи Џелили и Весел Мемеди да воспостават контакт со Зијадин Села, овластен претставник на ДПА, да почнат со разговорите за алтернативните проекти на двете политички партии”, стои понатаму во соопштението.
Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, вчера од седиштето на партијата во Тетово му понуди на неговиот поранешен сопартиец Руфи Османи спојување на двете партии, со цел, како што кажа, подобрување на животот на Албанците во Македонија.
Г.М.