Од она што се навестува во насловот, кој звучи заплашувачки во една мултиетничка земја, читателот очекува во текстот да прочита што точно се случило, да дознае кој со кого се тепал (од кои одделенија се ученициве „Албанци“ и „Македонци“, колкумина биле, итн.), кои биле мотивите што довеле до овој чин, кои биле последиците од физичката пресметка и што се очекува да се случи после ова. Во самиот текст нема одговор за ниту едно од овие прашања.
Пишува: Аурора Карамети, доктор на информатички и комуникациски науки
Тепачка меѓу ученици Албанци и Македонци во Скопје
Еден ученик од македонска националност и три други од албанска националност вчера наутро се степале пред дворот на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје.
Причините што довеле до физичка пресметка помеѓу младите, засега се непознати, јавува Алмакос.
Полицијата ги информирала родителите на учениците што биле вмешани во тепачката што се случила пред дворот на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“. Се работи на целосно расчистување на случајот и причините што доведоа до физичката пресметка помеѓу учениците Албанци и Македонци. /Алмакос – 03.10.2013, 13:06 ч.
Во мноштвото прашања кои преовладуваат подолго време во агендата на македонските медиуми, има неколку вести што првично вознемируваат токму заради чувствителните наслови. Таква беше и веста која се појави во он-лајн медиумите со наслови како: „Тепачка помеѓу ученици Албанци и Македонци во Скопје“ и„Тепачка помеѓу ученици Албанци и Македонци во средното училиште ’Панче Караѓозов‘ во Скопје“. Вториот медиум ја репродуцирал веста од првиот, на кој и се повикува, со мала измена во насловот. Тука ќе ја анализираме само оригиналната вест.
Потресен наслов, телото на веста разочарувачко
Воден од она што се навестува во насловот, кој звучи заплашувачки во една мултиетничка земја, читателот очекува во текстот да прочита што точно се случило, да дознае кој со кого се тепал (од кои одделенија се ученициве „Албанци“ и „Македонци“, колкумина биле, итн.), кои биле мотивите што довеле до овој чин, кои биле последиците од физичката пресметка и што се очекува да се случи после ова. Во самиот текст нема одговор на ниту едно од овие прашања.
Од неопходните податоци што се очекува да се најдат во рамките на телото на веста, тука се нуди, на „grossomodo“ начин, само тоа што се случило, како и времето и местото на тепачката. Значи, во телото на веста, која се состои од 100 збора, само се повторуваат истите информации дадени во самиот наслов и ниту една дополнителна информација која би помогнала да се разберат околностите. Напротив, временското одредување „вчера наутро“ е разочарувачко, бидејќи претставува еден елемент кој покажува дека веста ја изгубила актуелноста. Со оглед на ова, природно се поставува прашањето зошто веста се објавува после еден ден, кога и самиот медиум не знае ништо повеќе за тепачката?
Една вест, која е напишана сосема накусо („flash“ вест), може и да се разбере кога таа би била испратена веднаш откако се случил настанот и се очекува да се надополни со други детали во часовите што следат. Но, кај веста од настан што се случил еден ден порано, што не можела да се надополни со неопходните податоци и после повеќе од 24 часа, јасна е тенденцијата таа да се продаде само преку насловот. А, пак, во насловот се открива целата порака што медиумот се обидува да ја даде за настанот и ова е направено преку податоци „grossomodo“ што само по себе претставува еден познат стереотип: „млади/ученици Македонци се степале со млади/ученици Албанци, во Скопје!“, притоа не засновајќи ја на ниту еден извор во телото на веста.
Кога се сака да се подигне гласот, не се шепоти!
Зошто е толку важно да се поделат младите што се степале на „Македонци“ и „Албанци“, кога во текстот нема ниту едно интервју или наведен извор што би ја потврдил нивната етничка припадност? Почнувајќи од недостатокот на потврдена и детална информација на медиумот за настанот, како и од недостатокот на наведени извори, оваа вест повеќе има облик на стереотип, отколку на вест заснована на факти. Што доколку младите не биле ученици на училиштето, бидејќи се степале „пред дворот на средното медицинско училиште ’Панче Караѓозов‘ во Скопје“, а не во дворот на училиштето? Што доколку се степале едни со други од истата етничка заедница? А што доколку учениците од „другата“ етничка заедница, која и да е, едноставно се нашле таму и се обиделе да ги раздвојат? Што се сака да се постигне со овој наслов за една вест, без вест?
Целината на овој напис, наслов плус текст на веста плус фотографија, гради еден дискурс дека објавувањето на веста, наместо да информира за настанот, има за цел да удира по камбаните на алармот за самиот контекст на настанот, т.е. за затегнатите меѓуетнички и меѓучовечки односи во Македонија последниве години што се поизразени меѓу младите. Но, затегнатоста, подигнувањето на гласот за меѓуетничките инциденти, се изразени преку еден наслов без објаснувачки текст, во вид на предрасуда во самиот наслов, со големи букви. Наместо целосна вест, новинарот ја понудил само својата рамка од еден дел на реалноста, која избрал да му ја предочи на читателот.
И во самата рамка на „опасноста од избувнување на насилство помеѓу младите Албанци и Македонци во Скопје“, новинарот имал можност да напише барем еден параграф како вовед во настанот, притоа привлекувајќи го вниманието на читателот за големата опасност од ваквите настани по безбедноста на младите, но и воопшто за кревката стабилност на земјата. Ова најдобро би можело да се постигне преку потсетување на настанот од пред две години, кога едно младо момче беше претепано од негови врсници од истата етничка група, друго младо момче од друга етничка група се обиде да му помогне и по здобиените повреди го загуби животот. Еден таков вовед би му помогнал на читателот да создаде една реална рамка за веста (бидејќи, пред да бидат „Албанци“ и „Македонци“, овие ученици се адолесценти кои можат да бидат и пријатели), а тоа би му помогнало и на самиот автор да размисли за градење на вистински дискурс за настанот. Само дискурс што е изграден на професионален начин има сила да алармира за настани и феномени што се опасни за општеството.
Заклучок
Новинарскиот професионализам и интелектуалната одговорност, кога се испреплетуваат на вистински начин, можат да создадат квалитетни и релевантни медиумски дискурси. Во случајот со веста што ја анализиравме, со голем наслов, а со оскуден текст, се чини дека овие две вредности не се сретнале една со друга и на крај местото на двете останало празно, создавајќи еден примерок од вест што не претставува ниту одговорност кон професионалните стандарди, ниту добро изразена интелектуална одговорност.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенaсo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).