Собранието ја одби иницијативата на АМАН. Пратениците на ДПМНЕ гласаа граѓаните да продолжат да плаќаат парно иако не го користат и да нема дневна евтина тарифа за струјата. Оние од ДУИ останаа доследни на тоа да бидат воздржани на секое срање во државата.
Заедно останаа неми пред незаконски поскапената струја, парно и горива од страна на Регулаторната комсија за енергетика (РКЕ), останаа слепи пред фактот дека за 7 години струјата е поскапена над 70% и дека оваа цена на струјата не е во согласност со стандардот на народот. Неправда кон граѓаните, по којзнае кој пат направена од политичките владејачки партии.
Македонија е земја на неправди, партизирани институции кои, наместо за граѓаните, работат во корист на владејачките партии, на социјално загрозени семејства кои живеат со 2.000 денари месечно, а притоа им се праќаат извршители за неплатени сметки. Нека министерот за труд и социјала или премиерот преживеат еден месец со своите семејства со 2.000 денари, а и нека платат сметки за струја. Само една сметка за струја во текот на зимата е над 4.000 денари. Сè се кине кога е најтенко, освен неправдата – која се кине кога е најголема! Дилемата е дали имаме поголема неправда кон граѓаните или потенки државни институции, што ли ќе се скине попрво?
Колку добар народ сме ние, не може владата да нè краде колку што ние можеме да простиме! Ова што ни се случува во овие 20 години, а посебно во последните 5 години, е најмногу – наша вина. Ние, граѓаните, им препуштивме сè на политичките партии. Претседателот, премиерот, министрите, пратениците, градоначалниците, советниците – наместо да бидат наши слуги и да работат во наш интерес, ги претворивме во наши газди. Денес тие владеат како наши газди, а ние си молчиме како да сме нивни робови. Наша одговорност и обврска е тоа да им го избиеме од главата. Ако не го направиме тоа, тенките државни институции ќе се скинат и ќе останеме без нашата држава, а неправдата врз сите граѓани ќе продолжи да им ги уништува животите.
Злото нема да помине ако само ја свртиме главата! Потребно е сите да се обединиме околу граѓанскиот интерес за подобар живот и стандард, потребно е граѓаните да реагираат. Стечајците и социјално загрозените семејства, невработените и вработените, учениците и професорите, болните и лекарите, уметниците и новинарите – мора да се обединат затоа што ова зло поединечно никој не може да го победи, а ниту, пак, смее да се остави да продолжи. Доколку продолжиме да вртиме глава како што ја вртевме овие 20 години, ќе биде уште полошо, како што и секоја година ни е полоша од претходната. Едноставно, мора секој од нас да даде свој придонес за ова наше општество да биде поправедно и попристојно за живеење. Мора токму ние, граѓаните, да ја направиме оваа држава поубаво место за живеење и да ѝ ја вратиме перспективноста. Државата е за народот, но во Македонија нас секојдневно нè има сè помалку. Луѓето веќе не избираат начини да ја бараат среќата во други држави. Трагедија е тоа што родителите се радуваат кога децата им одат во далечни земји, свесни дека таму ќе бидат посреќни отколку во својата татковина. Наша морална и патриотска обврска е да им го одземеме ова наше општество на десетиците моќници и да си го вратиме назад. Ова општесво треба да им припаѓа на граѓаните!
Малку надеж даваат последните граѓански иницијативи. Тие се доказ дека има една критична маса која ја буди свеста кај граѓаните. Доколку не постоеше иницијативата „Стоп на полициска бруталност“, немаше да биде откриено убиството на Мартин Нешковски, а МВР ќе продолжеше да лаже дека немало убиство. Доколку, пак, ја немаше иницијативата „Заедно за мир“, веројатно уште ќе имаше тепачки помеѓу учениците во автобусите, ќе се палеа цркви и џамии, а МВР и понатаму ќе ни продаваше демагогија наместо да реагира додека не кулминирала целата ситуација. По иницијативата на АМАН и анализата на Хелсиншкиот комитет за човекови права, сите граѓани дознаа дека РКЕ во неколку наврати незаконски ги поскапела енергенсите. Во сите овие иницијативи борците за вистината се херои кои им се спротиставиле на партизираните институции. Вистината има свои борци и херои, а интересот има свои робови! Робовите на своите лични интереси деновиве можеме да ги препознаеме како луѓе кои глумат независни експерти (а во суштина ја тераат агендата на владејачките структури), релативизирајќи го злото на партизираните институции во следниве случаи: 24 декември и нарушувањето на парламентарната демократија од страна на власта, огромното задолжување на државата кое се троши на непродуктивни зафати, негирајќи ја социјалната неправда која секојдневно се практикува над повеќе од 200.000 граѓани, како и нарушената слобода на медиумите.
Зарем мислите дека не беше полесно и ние да молчиме? Но, ако сите ние молчиме, се поместува границата, и тоа секогаш на наша сметка! На сметка на граѓаните, во корист на политичките владејачки партии. Сите ние имаме морална обврска да придонесеме за подобро општество, за подобро за сите нас, кој колку може. Не смееме веќе никогаш политиката да им ја оставиме само на политичките партии! Вистинска демократија ќе имаме тогаш кога ќе се цени гласот и на невладините организации, и на граѓанските иницијативи, и на човекот како поединец. Во такви услови сигурно немаше некои суртуци пратеници да одбијат издржана иницијатива како АМАН и да ја поддржат неправдата кон граѓаните. Кога неправдата станува закон, отпорот станува должност.
Џелал Хоџиќ