Балканот отсекогаш претставувал плодна почва за коровот наречен етничка омраза. Во ова наше балканско буре барут, доволна е само една мала искра, едно мало жарче за да одекне голема експлозија. Homo Balcanicus се однесува како да е невозможно било кога до него да допре гласот на разумот, на толеранцијата, на прифаќање на различностите. Мрачните слики од викендот кој измина, претставуваат уште едно големо потсетување дека дното на македонското општество е како човечката глупост, едноставно нема граници!
Во петокот и во саботата, по којзнае кој пат се покажа дека хулиганството е како тешка заразна болест. Не бира ниту етничка, ниту верска припадност. Но тие две маси на луѓе се најмалку виновни. Кога на младиот човек ќе му ја одземеш перспективата, ќе му го ограничиш образованието, ќе го осиромашиш до краен стадиум па ќе го залажуваш со трошки, тогаш е прашање на време кога ќе се фати кривиот правец. Правец од кој враќање нема. И тому тука прават погрешна проценка оние две личности во чии раце се наоѓаат сите спреги на власта во Македонија. Калкулираат ниско и перфидно со меѓуетничкиот соживот.
Како Сцила и Харибда ја имаат окупирано секоја пора од ова изнамачено македонско општество, само со цел да останат ден повеќе со раката заглавена во теглата мед. И тоа е нивната Македонија. Македонија во која се пеат песни за „клетите шиптари“. Каде Македонија им припаѓа на Македонците, а сите останати граѓани пет пари не вредат. Македонија во која на пиедестал се издигнуваат личности кои посегнале по уставниот поредок. Македонија каде физички се напаѓа полицијата, а полицијата селективно реагира. Македонија во која горат автобуси и автомобили и каде се уништуваат автобуски постојки. Македонија каде физички се напаѓаат мајки со деца и Македонија каде родителите се плашат да ги пуштат децата на училиште, Македонија каде се тргува и калкулира со попови и оџи, а владиците и реисовите служат за поткусурување. Македонија каде се вршат генетски испитувања колку проценти си антички, а колку проценти словенски македонец…една тажна, несреќна и заробена Македонија…
Е, па, господо, претеравте! Нé потценивте! Македонија не ја увезовте без данок и акцизи, а бога ми не ја купивте ниту на наместен тендер. Македонија не ја довлечкавте од дедовите ниви од Крушоради и Зајас, и сигурно нема да дозволиме да ја раскрчмите по Чешка и Швајцарија! Во нашата Македонија се живее сложно и заеднички. Во нашата Македонија се јаде донер кај Хамза во Чаир, а бога ми и баничка кај Тетка во Фурна.
Во нашата Македонија се оди на мултиетнички забави во Стара Чаршија, на изложби и поетски читања во МКЦ. Во нашата Македонија се јаде сладолед кај Џемо, Џељо и Алтана во Ескимо, а се пие боза кај Апче. Во нашата Македонија не се пљачкосуваат цркви, и не горат џамии. Во нашата Македонија, за Велигден се кршиме со јајца сите заедно, христијани, муслимани, католици и атеисти, а за Бајрам си јадеме баклава. Во нашата Македонија се капеме заедно на Треска и планинариме на Матка. Таква е нашата широко отворена Македонија!
Е тому затоа не ви ја оставаме нашата Македонија. Бидејќи секој миг поминат со вас двајцата на чело е загубен. Бидејќи со вас минува годината, но не и денот!
p.s. Спакувајте си го куферот полн со омраза и отпатувајте некаде далеку, бидејќи за државата и за народот се работи!
Иван Стефановски
Авторот е магистар по Уставно право