Наплата на сметки за парно на исклучени домаќинства од системот за парно греење – оправдано или не!?

Од:

Пред извесно време, случајно наидов на одлука на Уставниот суд на Република Српска, преку која одлука, уставните судии заземаат дециден став дека струјата која ја користат граѓаните за нивните домаќинства не може и не смее да биде предмет на исклучување од страна на субјектот кој стопанисува со преносот на струјата.

На иста таква Одлука наидов, но сега на Уставниот суд на Република Хрватска, кој децидно се произнесува дека водата која ја користат граѓаните во нивните домаќинства не може и не смее да биде предмет на исклучување.

Секако, и двете имаат свои образложенија.

Спротивно на ова, а во однос на Уставниот суд во Република Македонија, сеуште немам наидено на Одлука која се занимава со исклучување на водата или на струјата во домаќинствата на граѓаните, но многу граѓани ја почувствуваа на своја кожа Одлуката на Уставниот суд за обврската на граѓаните да плаќаат соодветна давачка кон субјектот кој стопанисува со парното греење, само заради тоа што живееле во станбена зграда и нивните ѕидови граничеле со други станови кои користат парно греење, па ваквите станови, иако се исклучени од системот на парно греење сепак треба да плаќаат процент од некаква моќност.

Ваквата Одлука на Уставниот суд на Република Македонија е образложена со став дека согласно правилата на физиката, ваквите станови, иако се исклучени од системот на парно греење сепак се пригреваат од ѕидовите на соседните станови.

За ваквиот став не е посочено никакво мислење на стручно лице од областа на физиката, па реално се поставува прашањето, доколку ова е став исклучиво на Уставните судии, која ли е границата на нивната стручност?

Доколку за истото постои некакво стручно мислење, истото би требало да биде предмет на добра анализа, од причина што се граничи со логичкото размислување, кое како такво претставува принцип при одлучувањето.

Ќе направам една паралела-дали тоа значи дека, во летниот период, доколку јас имам поставено во мојот дом климатизер од 10 kw (ова е импровизирано), а мојот комшија има поставено во својот дом климатизер од 3 kw, дали по пат на аналогија, која исто така е принцип на судската одлука, ќе имам право да барам од комшијата да ми плаќа и на мене дел од мојата потрошена електрична енергија затоа што согласно правилата на физиката јас ќе допринесувам неговиот стан да се лади многу полесно и побрзо ?

Во остварувањето на своите функции, а во делот на зачувување на човековите права, согласно Основниот Акт на Уставниот суд, Уставниот суд има за обврска да соработува со уставните судови од други држави кога станува збор за прашања од интерес за заштита и унапредување на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Согласно Уставот на РМ, Уставниот суд има за обврска да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, но со една ваква одлука, слободата на одлучување на секој граѓанин е ограничена, додека правата му се ускратени од неколку аспекти, кои во секој случај претставуваат ограничување на правата, а не нивна заштита.

Имајки предвид дека со една ваква Одлука на Уставниот суд на Република Македонија целосно се влијае во задавањето на обврзувачки одлуки, кои согласно ставот на законодавецот во делот на облигационите односи тоа сосема на друг начин го уредил, без при тоа ваквите ставови на законодавецот да бидат прогласени за неуставни.

Истовремено, имајки предвид дека вакви права Европската конвенција за заштита на човековите права не познава, а не познава ниту праксата на Европскиот суд за човекови права, па реално се поставува прашањето – за кого бијат камбаните во оваа моја чудесна Македонија… се на грбот на граѓанинот, кое законски – неоправдано, уставно – непоништено.

Адвокат – М-р. Стојанче Геровски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска