Иако Насер Зибери не успеа да стане првиот премиер Албанец, се избори за функцијата народен правобранител. Го предложи ДУИ, а Собранието го изгласа со 61 глас „за“, без против и воздржани, при што беше запазен принципот на Бадентеровото мнозинство.
Пратениците од Алијансата за Албанците и од ВМРО-ДПМНЕ не беа присутни во салата и не го поддржаа изборот Зибери да стане бранител на правата на граѓаните пред државните институции.
Инаку, Зибери во јуни за време на парламентарните избори ДУИ го промовира како кандидат за прв премиер Албанец, но подоцна во преговорите со коалицискиот партнер СДСМ оваа идеја пропадна. Заев и Ахмети се договорија да има само Албанец вицепремиер и оваа функција ДУИ му ја довери на Артан Груби.
На денешната расправа на собраниската седница албанската опозиција остро се противеше на предлогот Зибери да стане омбудсман бидејќи, според нив, зад изборот се крие политички пазар помеѓу коалициските партнери.
„Ако го земеме предвид фактот дека си имаме работа со фигура за која најмалку може да се рече дека не е политичка поради тоа што пред само 6 месеци беше кандидат за премиер на политичка партија, а денеска ни доаѓа како предлог на таа политичка партија во Собранието“, рече Сурија Рашиди, пратеник на Алијансата за Албанците.
И за опозициската ВМРО-ДПМНЕ не беше прифатлива кандидатурата на Зибери. Неговото поврзување со политиките на ДУИ, според нив, фрла сомнеж дека тој ќе биде достоинствен бранител на правата на граѓаните.
„Народен правобранител е аполитична функција од Рим до денес, само кај нас се случуваат вакви преседани. Тука се избираат луѓе со знаење, со професионална кариера, а не бивши политичари, министри, пратеници. Овде се работи за меѓусебен пазар. СДСМ си помислил – да не се обиде ДУИ да го реактивира прашањето за премиер, па ајде да му го дадеме местото народен правобранител“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Зибери пред да стане политичар бил новинар. Во 90-тите како кадар на ПДП влегува во политиката и во периодот од 1996 до 1998 станува министер за труд и социјална политика во владата на Бранко Црвенковски. Бил пратеник во два собраниски состава. Повеќе од 10 години не беше активен во политиката и работеше како нотар до минатата година кога ДУИ го номинира за прв премиер Албанец. За време на кампањата тој ветуваше мултиетничка химна, задолжително учење албански јазик, ветинг (проверка) за сите, флексибилно работно време, консензуално одлучување со врзан потпис, 13 август, денот на потпишувањето на Рамковниот договор, да биде државен празник.
Заедно со Зибери на конкурсот што го распиша Собранието се пријавија уште четворица кандидати, при што Ана Чичаковска веднаш ја повлекла кандидатурата. Така, како противкандидати на Зибери останаа Фехим Стафа, Сашко Костов и Светислав Јовановски. Тој доаѓа по предлог на ДУИ, при што на Комисијата за избори и именувања доби поддршка од мнозинството пратеници, а Собранието на денешната седница го верификува неговиот избор.
Функцијата народен правобранител не е пополнета повеќе од еден месец откога Иџет Мемети, по 16 години на оваа функција, замина да биде член на Советот на јавните обвинители.
Според прописите, народниот правобранител се избира за време од осум години, со право на уште еден избор. Народниот правобранител, како што е пропишано со Уставот, ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања.