Најмалку 18 земји во светот се подготвуваат за избори во јуни откако ги одложиле првично закажаните термини поради пандемијата, а најмалку 24 земји ги одржале изборите и покрај опасноста од коронавирусот, покажа истражување на „А1он“. Во периодот од 21 февруари до 17 мај годинава најмалку 56 земји во светот одложиле избори или референдуми поради опасноста од ширењето на коронавирусот, а најголем дел од нив веќе избрале нов датум за избори во периодот јуни – август годинава по укажувањата од здравствените власти дека следи стабилен период за коронавирусот.
Од европските земји избори во јуни веќе се закажани во Франција на 21 јуни, каде што треба да се одржи втор круг од локалните избори, првично закажан за 22 март.
Истиот датум, 21 јуни, за парламентарни избори го избра и Србија, каде што изборите беа закажани за 26 април.
За претседателските избори во Полска кои беа закажани за 10 мај, се бара нов термин во јуни или јули.
Во периодот 21 јуни до 01 јули датум за парламентарни избори ќе одреди и Хрватска за да се избегне гласање наесен, како што предвидува изборниот календар во земјата.
Најмалку 12 држави во Америка, според објавите во медиумите, одбраа датуми за избори во јуни, откако не ги одржаа во првично закажаните термини поради пандемијата. На втори јуни избори се закажани во Конектикат, Делавер, Охајо, Пенсилванија, Роуд Ајланд и Индијана. Одложените избори се закажани на деветти јуни во Џорџија и Западна Вирџинија, на 20 јуни во Луизијана и на 23 јуни во Кентаки и во Њујорк.
За избори на 20 јуни се подготвува и Шри Ланка каде што на 25 април требаше да се одржат парламентарни избори.
Парламентарни избори на 19 јули ќе одржи и Сирија која ги одложи изборите планирани за 13 април.
Вториот круг парламентарни избори во Иран кој требаше да се одржи на 17 април е преместен на 11 септември годинава, а Индонезија изборите планирани за 23 септември ги премести на 9 декември.
И покрај опасноста од корнавирус во најмалку 24 земји се одржаа избори во периодот февруари – мај. На 21 февруари парламентарни избори имаше Иран, на 22 февруари дополнителни избори имаше Тајван, а на 29 февруари се одржаа парламентарни избори во Словачка.
Во март избори имаа Израел, Гвајана, Тајван, Франција, Германија, Молдавија, Доминиканска Република, Аризона, Флорида, Илиноис, Вануату, Бангладеш, Полска, Гвинеја, Камерун, Канада, Мали, Австралија, Луцерн, Швајцарија Сенедад и Ирска.
Во април избори одржаа Швајцарија-општински избори во Женева, Висконскин, Кирибати, Јужна Кореја, Охајо, Мали и Јапонија.
На сите овие места, според извештаите на набљудувачите, биле преземени мерки за претпазливост и заштита од коронавирусот за време на гласањето освен во Кирибати, каде што на 14 април, кога пандемијата беше во полн ек, се гласало како вообичаено.
Во неделата се одржаа избори во Бенин, Африка и покрај тоа што бројот на заразени е во пораст, а регистрирани се и смртни случаи во државата.
Избори во текот на летото кај нас предложи владејачката СДСМ. Лидерот Зоран Заев по двете лидерски средби на кои не беше договорен датум за изборите, рече дека доколку нема договор, откако ќе заврши вонредната состојба ќе течат 22 – та дена до избори, согласно Уредбата со која беа одложени. Вонредната состојба, доколку во меѓувреме не биде продолжена, истекува на 30 мај, со што изборите треба да се одржат на 21 јуни.
„Остануваме отворени за договор. Нека покажат како согласно закон и Устав може да се одложат изборите оти нема да дозволиме неуставно одлагање затоа што една претставка до Уставен суд може да ги урниса изборите. Имаме можност за договор уште неколку дена. Кога ќе стапат на сила законските рокови од Уредбата, мора да ги почитуваме сите“, рече лидерот Заев.
Тој нагласи дека аргумент плус за избори во јуни е тоа што Македонија нема функционален парламент и има техничка Влада. Ги посочи Хрватска и Србија кои иако не функционираат со технички влади, се одлучиле за избори во јуни за да избегнат избори наесен.
Лидерот на најголемата опозициска партија, пак, Христијан Мицкоски, предлага изборите да се одржат на 23, 30 август или на 13 септември.
„Ги предложивме термините на крајот од август и почетокот на септември како термини за кои цениме дека пандемијата ќе го намали интензитетот“, рече лидерот Мицкоски.
Македонија е меѓу најмалку 56 земји во светот кои ги одложија изборите поради коронавирусот.
На списокот земји од Европа што одложиле избори поради коронавирусот покрај Македонија се Австрија, Косово, Франција, Чешка, Германија, Шпанија, Црна Гора, Русија, Латвија, Србија, Кипар, Англија, Швајцарија, Италија, Романија и Полска.
Во Америка планираните избори или референдуми беа одложени во 15 земји во САД, Колумбија, Перу, Аргентина, делови од Канада, Бразил, Боливија, Уругвај, Парагвај, Мексико и Доминиканска Република.
На територијата на Азија избори се одложени во Индија, Бангладеш, Пакистан, Киргистан, Сирија, Иран, Шри Ланка, Индонезија и Оман.
На списокот земји кои одложиле некаков вид избори поради коронавирусот во Африка се: Јужна Африка, Тунис, Нигерија, Зимбабве. Гамбија, Замбија, Етиопија, Кенија и Уганда.
Одложени избори има и во делови од Австралија, во Соломонските Острови, Папуа Нова Гвинеја и Кирибати.