Гевгелиското село Негорци и оваа година го имаше најголемиот коледарски оган во Македонија. Скоро целото селото присуствуваше на атрактивното палење на столетното шупливо јаворово дрво високо неколку метри и донесено специјално за оваа пригода, јави регионалниот инфо-портал југоинфо.мк.
Жителите на Негорци со гордост зборуваат за својата манифестација за која велат дека е единствена не само по големината на огнот, туку и по тоа што само кај нив се палат стари и шупливи дрва кои повеќе не вегетираат. Нив месното население ги собира во текот на годината по течението на Серменинска река и ги чува токму за коледарскиот оган.
– Шеснаесета година се организира најголемиот коледарски оган во Македонија. Масовно се собираме од цела општина не само од село Негорци, тука ги пречекуваме луѓето со топли закуски, топли пијалоци, а за најмладите како изненадување Дедо Мраз донесува подароци – вели за Југоинфо, Ристе Ѓоргиев, член на организациониот одбор.
Со негорчани беше и Иван Франгов, градоначалникот на општина Гевгелија.
Освен најголемиот коледарски оган, прексиноќа во таканареченото Старец маало во Негорци не изостанаа ниту традиционалната топла ракија, ниту пак добрата музика. Крајот на забвавата која траеше до доцна во ноќта беше означен со голем огномет, објавува Југоинфо.