Најчевска: Законите не важат за Никола Груевски

Од:

Груевски ни соопшти дека Владата ќе вработи 1600 лица од социјално загрозени семејства. Со оваа изјава/решение Владата прогласи дека за неа не важат законите.

Според член 3 од Законот за јавните службеници: јавни службеници се вработените кои вршат работи од јавен интерес во дејностите образование, наука, труд и социјални работи, социјална заштита и заштита на детето, установите, фондовите, агенциите, јавните претпријатија основани од Република Македонија, а не се опфатени со Законот за државните службеници.

Според Законот за јавни службеници (член 13): Вработувањето на јавните службеници се спроведува низ транспарентна постапка врз основа на критериумите на стручност и компетентност и примена на начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците.

Според член 15 од истиот закон посебни услови за вработување на јавни службеници се:

– да има соодветно образование, 
– да има потребно работно искуство во струката и 
– други услови утврдени во актот за систематизација на работните места.

Според член 17-а: (1) Постапката за селекција на кандидат за јавен службеник се состои од: административна селекција, испит за јавен службеник и интервју.

Тоа значи дека со изјавата дека ќе бидат вработени 1600 луѓе во јавната администрација по критериум на должина на невработеност, самохрани родители,  од повеќедетни семејства и сл., Премиерот ја негира логиката на Законот за јавна администрација и прекршува најмалку три суштински членови од истиот.

Тоа значи дека може да имаме учители, наставници, професори, социјални работници, … за кои е помалку важно или воопшто не е важно какви стручњаци се, колку знаат, колку умеат и каква услуга можат да им пружат на граѓаните, туку е важно дека одговараат на критериумите кои си ги смислил Никола Груевски.

Од аспект на политиката и стратегијата за градење на администрацијата, со една ваква мерка Никола Груевски ги руши сите досегашни напори и го обесмислува носењето на новиот закон за јавна администрација:

1. Сите држави се стремат кон намалување на администрацијата. Една од почетните забелешки дадени на Македонија беше дека има преголема администрација која мора да се сведе на размери соодветни на големината на државата. ВАЛАДАТ КОЈА  ЈА ЗГОЛЕМУВА АДМИНИСТРАЦИЈАТА ВО УСЛОВИ НА КРИЗА И СО ТОА ГО ОПТЕРЕТУВАШ БУЏЕТОТ ГО РУШИ СИСТЕМОТ.

2. Владата во Македонија и така е прогласена за најголем работодавец и со ова само ја потврдува констатацијата. Во моментот кога Владата ќе се појави како најголем работодавец тоа значи дека економијата е потполно растурена и дека Владата може да манипулира со огромен број граѓани кои се поставени во зависна положба во однос на својата егзистенција токму кон Владата. НЕ Е ТОЧНО ТВРДЕЊЕТО ДЕКА СО ТОА ШТО ОВИЕ ЛУЃЕ СЕ ВРАБОТУВААТ ПОСЛЕ ИЗБОРИТЕ СО ТОА ЈСО ТОА СЕ НЕГИРА ВРСКАТА МЕЃУ ИЗБОРИТЕ И ОВИЕ ВРАБОТУВАЊА. ЕДНОСТАВНО СО ВРАБОТУВАЊАТА СЕ ПЛАЌААТ ИЗБОРНИТЕ ДОЛГОВИ.

3.  Администрацијата е услужна дејност за граѓаните кои ја плаќаат од свои пари. Граѓаните издвојуваат посебни средства за социјална грижа и заштита. Администрацијата треба да биде ефикасна, ефективна, одговорна. Администрацијата треба да биде мала и стручна и на најдобар начин да ги пружа услугите на граѓаните.  АДМИНИСТРАЦИЈАТА НЕ Е ИНСТИТУЦИЈА ЗА СОЦИЈАЛНА ГРИЖА И ЗАШТИТА.

4. Постојат други начини на кои може да се обезбедат позитивни мерки во однос на луѓето кои подолго време чекаат на работа, кои се од сиромашни семејства или некоја друга ранлива категорија. Тие критериуми се поставуваат како додатни после исполнувањето на општите и посебни критериуми дадени во Законот за јавни службеници. ПОСТАВУВАЊЕТО НА ДРУГИ КРИТЕРИУМИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ БЕЗ ОНИЕ КОИ СЕ ДАДЕНИ ВО ЗАКОНОТ И ВОСПОСТАВУВАЊЕТО НА ПОИНАКОВ РЕЖИМ ОД ТОЈ КОЈ Е ДАДЕН ВО ЗАКОНОТ ПРЕТСТАВУВА АКТ НА ДИСКРИМИНАЦИЈА А НЕ ПОЗИТИВНА МЕРКА.

Очекуван резултат:

Јавен службеник кој е вработен спротивно на одредбите на Законот за јавни службеници нема да ги врши работите ниту стручно, ниту пак со почитување на Уставот и законите. Стручноста воопшто не се бара од овие луѓе и нема голема веројатност дека ја имаат или ќе ја пружат. Тоа ги прави и неефикасни и неефективни како вработени. Од друга страна, зошто било кој од нив би ги почитувал законите кога се вработени на незаконски начин. Тие во принцип се плашат од законите и единствено може да го почитуваат само оној кој со помош на сила ги донел на соодветното место. Тоа е принципот на мафијата и тоа е лојалноста на организираниот криминал.

Моја препорака:

На секој конкурс, оглас или навестување дека се врши ваков вид вработување да се пријават сите заинтересирани кандидати за соодветното работно место и потоа да ја обжалуваат секоја одлука за приме на јавни службеници по критериуми кои се спротивни на Законот за јавни службеници и посебно да поведуваат пред суд постапки за дискриминација.

И секако, против министрите кои ги изгласале овие мерки и министрите кои ќе вработат некого врз основа на овие критериуми, службениците во Агенцијата за државни службеници и секој оној кој во јавна служба ќе прими некого спротивно на законот, а согласно препораките на Никола Груевски, да се поведе индивидуална постапка за злоупотреба на службената должност.

И секако, да се побара одземање на имунитетот на Никола Груевски како премиер и да се поведе постапка против него за рушење на правниот систем на Република Македонија.

Или, едноставно да си молчиме и дај веќе еднаш да го укинеме она кутро Собрание кое и така служи само за собирање на безработници кои си нашле добро место за пиење кафе.

Мирјана Најчевска
Квадратура на кругот

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска