Полиција, одговорност, насилство, ова е насловот на колумната на Мирјана Најчевска на блогот „Квадратура на кругот“.
Најчевска заклучува: Нешто смрди во Министерството за внатрешни работи, а кога смрди, тоа е обично главата.
Еве ја колумната:
Две приказни за ист настан. Едните зборуваат за спроведување на законот, а другите за надминување на полициските овластувања и насилство. Секогаш има две приказни и три и многу повеќе. Не е во тоа проблемот.
Проблемот е во отсуството на видлива отчетност на полицијата, одговорност и спремност да се соочи со направени грешки. Проблемот е во Министерката за внатрешни работи која промовира недопирливост на полицајците кога го прекршуваат законот.
Во случајов навистина не знам дали го прекршиле или не. Не знам дали имало употреба на прекумерна сила или не. Не знам дали полицајците ги пречекориле овластувањата или не. И не можам да знам.
Она што знам е дека после ваков вид на случаи мора да се спорведе обемна, сериозна и објективна истрага за да се види дали полицајците го спроведувале или го кршеле законот.
Во отсуство на ваква истрага, после избрзано тврдење дека немало употреба на прекумерна сила и посебно во услови кога се повикуваат луѓето да пријават тепање, а веќе е извршено апсење на дел од учесниците во настанот, кај мене само почнува да се зголемува сомнежот дека работата не е чиста. Едноставно, сигурно нешто има и нешто се крие штом се одбива и помислата за истрага и штом ова се маскира со повик за индивидуални претставки.
Македонија има добиено повеќе пресуди од ЕСЧП во кои се предупредува токму на отсуството на соодветна ситрага во случаите кога е инволвирана полиција и кога граѓаните сигнализираат можна преголема употреба на сила.
Само како пример случајот Џеладинов и други против Република Македонија (од 2002, пресуден во 2008 година):
“Судот повторува дека, кога поединец дава веродостојна изјава дека претрпел третман спротивен на член 3 од страна на полицијата или други слични државни службеници, таа одредба, гледана во врска со генералната обврска на државата под член 1 од Конвенцијата „на сите лица под нивна надлежност да ги обезбеди правата и слободите утврдени во … Конвенцијата„ подразбира дека ефикасна официјална истрага мора да има. Во врска со истрагата под член 2, таква истрага треба да е во состојба да доведе до идентификација и казнување на одговорните лица. Инаку, генералната законска забрана за тортура и нечовечко и деградирачко однесување и казна, покрај нејзината основна важност, во пракса би била неефикасна и би било можно во одредени случаи државните службеници да го злоупотребат тоа право, без никаков ризик да бидат казнeти.“
“Истрагата во врска со сериозните тврдења за малтретирање мора да биде темелна. Тоа значи дека надлежните органи мораат да ги превземат сите разумни чекори кои им се на располагање, за да ги обезбедат доказите во врска со инцидентот, вклучувајќи ги, меѓудругото, исказот на сведокот и вештачењето. Било каков недостаток во истрагата кој се однесува на способноста за да се утврди причината за повредите или идентитетот на сторителите би бил ризик за неисполнување на овој стандард.“
Заклучок:
Нешто смрди во Министерството за внатрешни работи, а кога смрди, тоа е обично главата.