Мирјана Најчевска на својот блог „Квадаратура на кругот“, пишува за 116 место по слобода на инфромирање според „Репортери без граници“.
Прашува што значи падот на Македонија во слободата на информирање? Зошто е толку важно што се случува со медиумите и со новинарите?
Еве ги ставовите и размислувањата на Најчевска за оваа тема, која предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, а во медиумите блиски до власта, или воопшто не беше спомената, или беше маргинализирана и пренесена на начин да се стекне погрешен впечаток:
1. Тоа значи дека граѓаните на Македонија не можат слободно да го изразат она што го мислат. Различните ставови, перцепции, видувања на нештата не можат да бидат презентирани пред јавноста. Не се дозволува спротивставување на позицијата на власта, не се дозволуваат алтернативни решенија, не се дозволува поинаквост.
На пример, граѓаните не може да кажат како сакаат да изгледа нивниот град, на што сакаат да се трошат парите, што мислат да продажбата на ОХИС.
Ова се вика промоција на едноумие, кое е спротивно на демократијата, спротивно дури и на онаа народната – две глави секогаш мислат подобро од една.
2. Тоа значи дека граѓаните не можат да ги добијат потребните информации врз основа на кои треба да изградат став, да поставуваат барања и да вршат контрола над власта.
На пример граѓаните треба да кажат дека сакаат да влезат во ЕУ, а не знаат што значи тоа во однос на нивната секојдневна живеачка, во однос на развојот на економијата, за бизнисот кој го водат, за обврските кои ќе ги имаат.
Со тоа се обесмислува правото на избор (бидејќи граѓаните не ни знаат што бираат). Ова во народот е познато како купување на мачка во вреќа.
3. Тоа значи дека граѓаните не можат да вршат влијание врз одлуките и политиките што ги носат нивните избраници, односно, оние кои се подготвуваат во Владата. Тој што нема информации не може ни да одлучува, односно, мора да се препушти на предлозите на оние кои ги имаат информациите во свои раце.
На пример, граѓаните не знаат дека се менува Законот за заштита на животната средина со кој загаденоста во целата земја ќе се подигне на уште повисоко ниво и не можат да се спротивстават на овие промени.
Тоа значи дека власта може да тепа, ама тепаниот не смее да вика, власта може да казнува, ама казнетиот не смее да се жали, власта може да ги прекршува законите, жртвата не смее да го обелодени тоа.
Кога седмата сила ќе биде ставена во положба да и се извинува на власта затоа што поставувала прашања, затоа што изнесувала податоци, критукувала , во тој момент, таа веќе не е сила туку играчка во рацете на власта. И во тој момент граѓаните во потполност ја губат контролата над движењето на колата во која се наоѓаат, не знаат во кој правец се движи, не можат да постават прашања и да добијат одговор, и не можат да го сменат ниту правецот, ниту брзината на движење, ниту пак да предупредат на опасното возење.
Тоа значи дека кога земјата нема слобода на информирање, не се работи за новинарите, туку за нас граѓаните, кои сме останале без основната алатка на демократското владеење.
Во царството на демократијата власта мора да одговара на прашањата, мора да се оправдува, мора да образложува, мора да дава отчет. Во царството на демократијата тие кои ги држат дизгините можат да бидат буцкани, и да им се вика во уво, и да им се наредува, да бидат критикувани за возењето, се со цел да се знае кој е газда во таа кола и кој одредува каде ќе се оди. А тоа сигурно не е кочијашот.
Затоа: “границите на прифатливиот критицизам се многу пошироки кога станува збор за политичарите отколку кога се критикуваат приватни индивидуи“ и “политичарите мораат да прифатат навлегување во некои аспекти на нивниот приватен живот“ и “новинарите не смеат да бидат замолчени од изразувањето на нивното мислење и вредносни судови дури и тогаш кога не можат да ја докажат вистинитоста на истите“.