На улица како демонстрант или како питач?

Од:

Нозе ми се пресекоа кога пред неколку недели на улица, меѓу бездомниците, видов лице на еден познаник, кој го гледав од време на време пред да почнам да работам како новинар. Прво му го слушнав гласот затоа што беше срцепарателен. Молеше, извикуваше со плач во гласот за милостина, со подадена рака и лице во грч кон минувачите. Тргнав да му фрлам во картонската кутија тоа ситно што имав да споделем со него, а тој ја отвори раката и ги прими денарите. Не ме позна. Продолжи со распарувачките крици да бара помош.

Денеска повторно го слушнав низ џагорот на минувачите и не можев да си дозволам да го игнорирам или да го одминам. Повторно не ме позна. Но тоа што одвоив два пати колку имав од сопствениот џеб за него не ми го смири немирот. Некој се вознемирува кога ќе види бездоник на улица затоа што се споредува со него. Емпатијата понекогаш се меша со стравот „ова сум можел да бидам и јас.“ Ова не е таков случај. Пред познаникот кој ја имал несреќата да заврши на питачки стап, човек чувствува само гнев, револт, гадење од неспособноста на државата да ги заштити најкревките.

Затоа што сиромаштијата не е индивидуален проблем, туку проблем на општеството.

Во оваа наша приказна да си новинар значи да имаш привилегија да го гледаш и да го чуеш она што колегите свесно го цензурираат. Таквата слика за новинар значи одраз на фактот дека државниот апарат не успева или нема за сходно да се справи со растечката сиромаштија, со падот во личните судбини на луѓето, со нивните лични трагедии. Владините политики не ги опфаќаат сите граѓани, па некои ги оставаат на маргините.

Проектите за субвенции на Владата се обидуваат да прикажат душегрижничка политика, дека министрите и премиерот се засекирани за стандардот на граѓаните. Постојано повторуваат дека се инвестира, дека се реализираат проектите, од Никола Тодоров дознаваме за каква ламперија и столарија е потрошен секој денар на Министерството, дознаваме за реконструкција на булевари и нови контејнери. Но гледаме незадоволство, несреќни и сиромашни граѓани, апели против загадувањето, слушаме „бомби“ со длабока корупција и раширена партизација. Иако не ни требаа „бомбите“ да го станеме свесни за тоа. Па каде грешиме? Зошто сме незадоволни кога Владата се ни обезбедила и ни испланирала, а, нормално, и за себе нешто оставила? На крајот на краиштата зошто мора да имаме објективни медиуми кога премиерот знае најдобро што треба да чуеме, а што не треба. Ако нешто не сме дослушале, можеме да ги премотаме снимките, а може дел од информациите што не мора да ги чуеме се класифицирани и доверливи…

Или е нормално тоа што се случува во Македонија и што предизвикува гадење, или пак е нормално што чувствуваме гадење кога го гледаме однесувањето на владините функционери. Не е достоинствено и човечно министерот да ги игнорира несаканите смртни случаи во здравството, а уште помалку народните избраници да го бранат и да му ги повторуваат веќе кажаните проекти и инвестиции. Тоа не е нормално оваа недела.

Минатата не беше нормално премиерот да сведочи пред Анкетна комисија зад затворени врати, а истата финта да ја направи и министерот за финансии. Кој знае што ќе биде ненормално следната недела?

И среде таа изопачена атмосфера какви ни се опциите, ако не го земеме во предвид селењето од Македонија. Револтот што го чувствуваме, незадоволството од државата, мора да се канализира. Во недостиг на медиумите кои треба да го застапуваат јавниот интерес, единствено што ни преостанува е да протестираме за нашите права, за обврските на државата кон нас, за тоа што Владата не маргинализира, деградира, понижува, игнорира и стигматизира. За тоа што партијата на власт не става на црни флаери во црни кампари.

Затоа протестирам, пред Собрание или пред Влада сеедно. Протестирам не само за здравството и за починатите пациенти, протестирам за новинарството и за слободата на говор, протестирам и за пријателот што денеска проси, а кој пред пет години беше сосема обичен граѓанин. Кај ќе биде тој ако ова темпо на уништување продолжи? Кој ќе го замени него на улица?

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска