Вечерва на полноќ уште една шанса за четирите политички партии да постигнат договор за имплементација на потпишаното во Пржино. Лидерската средба меѓу Груевски, Заев, Ахмети и Тачи ќе започне на полноќ бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски по враќањето од Конгресот на европската десница во Шпанија, во 21.30 часот ќе учествува на свечената академија по повод денот на ВМРО.
Претходно, според партиски извори, СДСМ ќе одржи координација на партискиот врв на која ќе се разгледува новонастаната ситуација. Инаку, преговорите беа прекинати поради тоа што немаше заедничко решение за ингеренциите на новите министри и заменици министри, камен на спонување е и законот за бомбите и за свиркачите.
Не се усогласени ставовите ниту за анкетната комисија за следење на комуникациите, а не се иницирани ниту разговорите за реформа во медиумите и јавниот сервис. Иако усогласен, изборниот законик не влегува во законска процедура, зашто опозицијата бара Советот на јавни обвинители да го избере комплетниот состав од 14 обвинители на специјалната обвинителка Катица Јанева. Досега од Пржино е исполнето само враќањето на опозицијата во собранието и изборот на специјален јавен обвинител кој засега не функционира.
Рокот да се реализира договореното е понеделник. Доколку дотогаш не се изберат новите министри и заменици министри, договорот од Пржино не важи, а Македонија ќе се соочи со опасност од меѓународна изолација.