Пет години се суди и нема судска одлука за ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која се гони за местење тендери за изградба на Музејот на ВМРО. Низа одложени рочишта и враќање на случајот одново на судење поради промена на судечкиот совет, се само две од причините поради кои процесот трае половина деценија. Судијата Осман Шабани сега дозволи и супервештачење, чија изработка може да трае со месеци, а исто толку слободно време ќе има Канческа-Милевска за да не се појавува на суд. Ова значи дека извесно е одложување и на следното рочиште закажано за еден месец. Канческа-Милевска за „А1он“ вели дека и таа сака побрза одлука, но судот барал супервештачење.
„Како да кажам, ние одиме на рочишта. Го чекаме супервештачењето. Не зависи тоа од мене, јас не го изготвувам супервештачењето“, вели Канческа-Милевска за „А1он“, а на посочувањето дека Шабани дозволил супервештачење по предлог на обвинетите, таа додава: „Не е по наше барање супервештачењето. Судот сам донесе одлука за супервештачење. Ние не можеме да бараме. Судечкиот совет донесе одлука. Судечкиот совет го предложи, имаше контрадикторности помеѓу две вештачења. Имаше вештачење, од една страна, ние имавме вештачење и судечкиот совет донесе одлука за супервештачење. Го чекаме“.
Прашана дали за неа е измачување пет години да оди на суд за предметот „Тендери“, Канческа-Милевска за „А1он“ вели: „Ние како обвинети, што се вели, од другата страна, сме тука, редовно присуствуваме. Како се носат одлуките, тоа е. Не знам како да кажам, дали е мачење, дали не, верувам и вие да сте од другата страна, ќе се соочувате со нешто. Нормално дека е тешко, но реалноста е таа“.
„Нормално, секој сака што побргу да заврши“, додава ексминистерката за култура.
На прашањето дали и натаму смета дека е невина, како што се изјасни на првото рочиште за случајот „Тендери“, Канческа-Милевска вели: „Да, да, да, убедена сум во тоа“.
Според обвинението, пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки пред да се донесе одлуката за потребата од јавна набавка, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Се тврди дека ексминистерката наложила да ги изведат и сите работи што произлегувале дополнително и кои не биле опфатени во договорот за јавна набавка и во анексите, со што немало да се чекаат дваесетина дена за спроведување на новата јавна набавка. Канческа претходно договорила преку второобвинетата во Комисијата за јавни набавки, кога ќе се објави огласот, договорот да го добие „Бетон“ од Штип.
СЈО го поведе случајот, а сега Обвинителството за гонење организиран криминал тврди дека тројцата обвинети (ексминистерката и двајца членови на комисијата за јавни набавки) ја злоупотребиле службената положба и овластувањето.