Вкупно 542 патници, кои се враќаат од аџилак во Саудиска Арабија, изминатите денови пристигнале во земјата преку граничниот премин Деве Баир, на македонско-бугарската граница. Досега не се забележани сомнителни случаи на колера, маларија или ебола, информираат надлежните.
Преостанатиот број од вкупно 703 аџии, колку што треба да се вратат по сувоземен пат преку овој граничен премин, како што информира д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје од Куманово, се очекуваат да пристигнат со три автобуси за време на викендов.
– Сите досега пристигнати патници се во добра здравствена состојба. Не се забележани сомнителни случаи на евентуални заболувања на колера, маларија и ебола. Се вршат предвидените прегледи и контроли и патниците се под здравствен надзор на центрите за јавно дравје, изјави д-р Стаменковска.
На Деве Баир и понатаму се спроведуваат 24-часовни дежурства од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Центарот за јавно здравје од Куманово и во целост се спроведуваат препораките од Комисијата за заразни болести. На преминот има и посебни контејнери каде аџиите ја фрлаат храната и водата, кои се дезинфицираат на лице место.