Мутациите на патриотизмот

Од:

Доколку се осврнеме наназад последниве седум години, ќе видиме една урнатина од контраверзни изјави, ставови, изместени вредности, ќе видиме една контрадикторност од зборови и дела, ќе видиме обид за менување на цела историја на еден народ до толку налудничава и мегаломанска, со шизофрени амбиции, да биде прифатена и во светски рамки.

Се прашувам деновиве, во која глувчја дупка се сокриле „големите патриоти“ од ДПМНЕ, бранителите на „нивната“ Македонија, оние кои седум години ги добиваа изборите со будење на патриотски чувства за македонштината, кои пропагираа тешка нациoнална фрустрација, сите оние кои на сметка на останатите ентитети во државата форсираа национална политика и освојуваа симпатии кај полуписмениот гласачки електорат, сите оние самопрогласени „татковци на нацијата“ и носители на разводнетата афирмативна општествена илузија дека се предводници во едно патриотско семакедонско движење, а денес гледаме како облечени во македонската државна униформа се поклонуваат и одаваат чест на оние кои до вчера не беа ништо помалку или повеќе, туку терористи, убијци на македонските бранители, претставуваа закана за македонската држава и нација… така барем ни кажуваа.

Навистина бедно. Овде не станува збор за оправданоста на самиот чин, туку станува збор за грдото лице на дволичноста и лицемерието на Владата, за лажниот патриотизам кој седум години ни го трубеа преку владините медиуми, патриотизмот со кој се чукаа во гради и се вршеше страшна психолошка пропаганда врз граѓаните со милионски суми платени реклами од џебот на самите граѓани. Се случи целосно разобличување на идеологијата во која се навлекуваа граѓаните, национализмот со кој се привлекуваа симпатиите на неупатените и патриотизмот како најсилна одлика на Владата кој го промовираше континуирано и нападно до степен на гнасно, паднаа во вода. Сега остана само изгубеното време, останаа изгубените можности во овие последни седум години после кои што одново треба да седниме и да се преслушаме, кој всушност беа патриотите а кој предавниците.

Сметам за потребно да нагласам дека, и претходно и сега различните етникуми во Р.Македонија не ги уживаа своите човекови права, некои беа и многу од нив сеуште се граѓани од втор ред. Во Р.Македонија сеуште се нема изградено општа граѓанска свест за да се постигне еден ефект на меѓуетничка толеранција и мултикултурен прогрес. Факт е дека албанците како најмногуброен етникум во државата после македонците, немаат ниту одблиску исти услови и можности за социализација и се држат во еден вид заложништво. Тие беа и се угнетени од мнозинството, отфрлени од општеството.

Токму затоа и се случи конфликт. Но од тој конфликт, речиси никој не извлече поука. Напротив, им се најде на двете страни за билдање политички поени и лични интереси. Доказ за тоа се ДПМНЕ, најсилните гласноговорници против терористите, така ги нарекуваа, а седма година се во скут на истите. Од една страна туркаат цврста националистичка пропаганда, а од друга страна според Уставот, се декларираме како мултиетничка држава. Јавноста ја пумпаат со патриотски вокабуларен кич, а во реалноста амнестираат убијци на македонските бранители од чии што погреби пак паралелно правеа изборна кампања. Тотален хаос од факти и зборови. Апсолутнa колизија и парадоксалност од она што го слушаме и она што го гледаме. „Патриотите“ се презафатени со плукање по АСНОМ и деградирање на оснивачите на независна Р.Македонија, тие се во безмилосна борба со „предавниците, соросоидите и кодошите„, а во одбрна на крвниците на македонскиот народ од типот на Ванчо Михајлов, Тодор Александров, Мара Бунева итн, на кои им се градат споменици од нашите пари, пари кои ни ги земаат преку даноци и драгонски казни, а во името на патриотизмот?! Ваква налудничавост, расеаност и противречност навистина може да биде предмет на понатамошни психолошки анализи.

Премногу очигледно е дека сме изгубени и во дискурс. Ниту има правец, ниту има стратегија, ниту постои некаква внатрешна а уште помалку надворешна политика. Тотална дезориентираност и отсуство на координација во Владата. Влезени сме како во некој вртлог кој не влечи надоле. Не постои никаква перспектива и иднина. Замајувани од периодични наменски пропаганди и лов на вештерки кои својата колуминација ја доживуваат исклучиво во период кога се земаат нови милиони кредити или пак во екот на поскапувањето и нов вртоглавечки раст на цените и животните трошкови или пак во пресрет на негативни оценки и критики кои доаѓаат од надвор. Тониме на секое поле, но не би требало да бидеме загрижени околу тоа, бидејќи Владата секојдневно ни нуди „материјали“ за да се радуваме како и комшиите еве треба да потонат. Тие се наши надворешни непријатели, и на нив треба да се фокусираме. Уа за Грција, за Америка и за Европа.

Но тука се поставуваат неколку прашања. Бидејќи Владата на ДПМНЕ веќе утврди дека Америка,Грција и цела Европа се наши надворешни непријатели, односно албанците или конкретно УЧК се внатрешен непријател и сакаат да не уништат, да не снема, да се претопиме, да исчезнеме, дали Владата во тој случај, согласно сите нејзини досегашни постапки и политики не е најголем внатрешен непријател со тоа што е во коалиција со истите тие од кои се оградува, со тоа што ја става државата во изолација која се рефлектира директно врз она што тие наводно најмногу го штитат, ИДЕНТИТЕТОТ? Дали воопшто можеше било кој наш надворешен непријател да дејствува така деструктивно и разорувачки по идентитетот отколку тоа што го стори нашата Влада? Давате ли подршка на тоа што граѓаните барајќи излез од ситуацијата радо би земале било каков идентитет кој ќе им гарантира слободен влез и работа во Европа? Дали е ова начинот на кој Валдата го штити идентитетот? Давате ли подршка на фактот дека нацијата старее, дека стапката на морталитет е поголема од стапката на наталитет, дека за повеќе од 200% е намален бројот на новороденчиња? Ова ли е начинот на кој Владата го штити идентитетот? Останувате ли слепи и глуви на „патриотската„ политика која е многу подеструктивна за идентитетот и нацијата отколку било кој наш наводен надворешен непријател?

Граѓаните наивно ја дадоа својата доверба, но уште понаивно е тие што ја злоупотребија да веруваат дека нема скапо да ја платат. Премногу ги потценија граѓаните. Целата оваа фарса е веќе увидена и прочитана. Мизерна. Сите овие игри, манипулации се под секое ниво. Толку гнасни и потценувачки. Живееме еден модерен вид на ропство, и сите ние заедно ќе го сопреме овој ретрограден еволутивен тек, како што сите ние заедно и дозволивме да се случи.

м-р Наташа Стеваноска

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска