Министерството за труд и социјална политика во соработка со UN Women – Тело на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените и финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, обезбеди 1.860 пакети со храна и хигиенски продукти за оние кои се најсилно засегнати од кризата предизвикана од КОВИД-19, наменети 368 еднородителски семејства корисници на гарантирана минимална помош.
Од нив, како што информира МТСП, најголемиот процент или 95 проценти се жени, 329 регистрирани жртви на семејно насилство, како и за шелтерите и кризните ценпптри за жртвите на родово-базирано насилство во целата земја. Дистрибуцијата ќе се изврши преку републичкиот Црвен Крст и Центрите за социјална работа за да стигне до оние на кои помошта им е најпотребна.
-Министерството за труд и социјална политика во околностите предизвикани од глобалната пандемија посветено и сериозно пристапува кон поддршката и помошта на најранливите граѓани. Сериозните закани од КОВИД-19 бараат континуиран одговор за да ги пресретнеме потребите на граѓаните вклучени во системот на социјална заштита и да им помогнеме полесно да се справат со сите предизвици. Жените и понатаму во најголем дел се одговорни за домашните обврски, грижата за семејството и децата и оддржувањето на домот. Затоа, покрај останатите мерки кои Министерството за труд и социјална политика ги презема за справување на граѓаните со последиците од оваа кризна состојба, поддршката и помошта со пакети со прехранбени производи и средства за хигиена во овие услови се добредојдени и значат многу за овие семејства. Нашето мото е „Се грижиме за сите“, и дистрибуцијата на овие пакети значи токму тоа. Изразуваме благодарност до нашите меѓународни партнери за поддршката што ја добиваме од нив да помогнеме и да допреме до секој граѓанин на кој му е потребна помош, информира МТСП.
Канцеларијата на UN Women во Скопје, соопшти дека справувањето со животните трошоци за време на пандемијата се покажало како предизвик, посебно за економско-неактивните жени или фамилии кои живеат со минимални приходи.
-Кризата донесе потреба за зголемена употреба на средства за лична хигиена, дезинфекција и маски како мерки за заштита. Тоа е посебно тешко за фамилиите кои едвај имаат средства да ги покријат основните трошоци за храна. Затоа, оваа поддршка вклучува храна за домаќинството, хигиенски продукти за семејството, како и хигиенски продукти наменети за жените. Пандемијата не е само здравствена криза, туку е исто така и глобална социо-економска криза во која жените се несразмерно засегнати. Тие се на првите линии како работнички во здравствениот, социјалниот сектор и индустријата за храна, и поради тоа се многу поранливи и повеќе изложени на ризик. Жените се повеќе застапени во неформалната економија, многу од нив се економски неактивни, и им недостига заштита и финансиска сигурност. И сѐ уште, жените се „невидливи“, а го носат најголемиот товар на неплатена домашна работа и грижа за децата и постарите членови од семејството и се соочуваат со поголем ризик од родово-базирано насилство, посочуваат од Канцеларијата на UN Women во Скопје.