Македонската радио телевизија, по анализата на случувањата околу не емитувањето на финалната вечер на фестивалот „Макфест”, одлучи да поведе постапка за прекинување на работниот однос на четворица вработени во јавниот сервис, како и за суспензија и парични казни за повеќе вработени, директни учесници во продукцијата на фестивалот, информираат од јавниот сервис.
„Македонската радио телевизија уште еднаш се извинува на јавноста поради скратената можност фестивалот „Макфест” да биде проследен во живо“, велат од таму.
Одговорност од раководството на телевизијата побара градоначалникот на Штип, Илчо Захариев. Тој побара да утврдат кој е виновникот за непренесувањето на последната и финална вечер на фестивалот за забавни мелодии.
-Граѓаните плаќаат радиодифузна такса. Од нивни пари се финансира дел од работењето на државната телевизија. Како е можно да не вршат директен пренос? Поради технички проблеми! – реагира Захариев.
Тој во својата изјава за штипската телевизија истакна дека граѓаните на Штип ѝ плаќаат на МТВ 500. 000 евра годишно за радиодифузна такса и очекуваат за возврат и да добијат нешто. Екипата која го вршела преносот реагирала за сметсувањето и тоа за објект каде што престојуваат странски делегации. Им пречело што не се во центарот на градот!
Општината сама го организира и финансисра фестивалот, што според градоначалникот било беспрекорно направено, а МТВ како Јавен сервис ги имала правата за пренос во живо. Националниот јавен сервис Македонската телевизија првпат во изминатите 28 години не вршеше директен пренос од сцената, со образложение дека имаат технички проблеми.