МПЦ – Табу-тема

Од:

Постои ли апсолутна табу-тема во македонското новинарство? Да, постои! Темата свика – МПЦ! Велам МПЦ зашто не се работи за област, туку за институцијата Македонска православна црква. Во нашето новинарство, покрај самоцензурата, постои и оваа посебност во списокот на табу-теми. И тоа е константа која се провлекува со децении

 

Пишува: Александар Шољаковски

 

Во добар дел на забранети теми, и покрај сите обиди на власта да  ја замолчи критичката мисла во медиумите, сепак тука-таму ќе најдете и некој сериозен критички текст против власта и нејзините потези,  па и написи  за најделикатните теми, како што се корупцијата, непотизмот, тендерските махинации… Најчесто во скромен обим и со „лајт“ критика.

Само за Македонската православна црква речиси да нема ништо негативно. Овој молк не може да се мери со ниту една друга табу-тема. Повеќе индискретности излегуваат од Ватикан, отколку од МПЦ. А тие постојат.

Велат дека Македонците, според некои мерења, биле најрелигиозниот народ во Европа. А и црквата добро поминува и во нашите домашни мерења. (Злобниците би рекле: кога не оди ништо, тогаш се бара утеха во религијата.)

Сепак, има нешто што не е јасно во изјаснувањата за религиските определби. Религиозноста кај Македонците е нешто што се прифаќа по автоматизам. По неколкудецениско потиснување на религијата на општествените маргини, реално постоеше еден бран на искрено задоволство од ослободувањето на стегите. Тоа се одрази во некритичкото прифаќање и однесување кон сè  што е религија, обичаи, традиција. Тогаш почнаа напливи на теми и на текстови за религијата, црквата, нејзината улога за здравјето на нацијата(!?) и така натаму. Но, сето тоа беше или површно или лошо пласирано, со отсуство на каква било сериозна критика за очигледните претерувања и невкусoт во практикувањето и во манифестирањето на религиските чувства и обичаи. Почнаа да никнуваат цркви и црквички (најчесто грди градби), се собираа значајни средства од верниците. Безмалку да нема настан на кој не му кумуваат, односно попуваат свештени лица. Камен-темелник не се става ако не присуствува поп или владика. На МПЦ ѝ беа вратени вредни имоти со кои очигледно не многу домаќински знае да раководи и тие стануваат предмет на сомнителни финансиски конструкции. Во тандем со државата, се прават транге-франге бизниси околу атрактивни градежни парцели. Приходите на црквата се работа на длабока тајност. Нема отчет, нема фискални каси, цените за религиски услуги се мошне произволни.

 

КОНСПИРАТИВНОСТ

Врвот на црквата е како некоја конспиративна организација која со јавноста комуницира со сила (само кога мора), бледо, неволно, преку соопштенија, фингирани интервјуа или преку владиката-портпарол, кој би бил прoтотип за личност што не знае да комуницира со луѓе. Не дај Боже некој да чепне во статусните привилегии на владиците, иако се гледа дека растрошноста и луксузирањето не им се туѓи. Ако некој му се спротивстави на Светиот синод или на некој владика посебно, тој е веднаш прогласен за неверник, значи непријател на црквата и на народот. И заканите со фрлање анатема лесно се потегнуваат.

Медиумите, пак, се сериозни соучесници во третирањето на религијата на начин кој не е соодветен за времето. Во нив дури се прифаќа и архаичниот црковен јазик и во сосема дневни извештаи. Новинарите, не знам зошто, се напрегаат да звучат како попови. Задолжително нема да се избегне, на пример, архиепископот да се именува со она „двоен господин“, што звучи мошне исчашено. Како и сите оние црковни термини кои завршуваат на „-ение“.

Најверојатно поради непознавање и страв од бесот на црквата, македонските медиуми негативно за МПЦ пишуваат мошне, мошне ретко или, пак, воопшто не пишуваат. Дури и кога се работи за скандали каков што е оној со отцепување на црквата во Австралија, на пример. Или, пак, со потпишувањето на некои мошне сомнителни спогодби со СПЦ. Кога ќе се појави проблем, владиците добиваат неограничен простор во медиумите за да ги испокараат оние што не мислат како нив, во недостоен манир.

 

ШТО ЌЕ СЕ ЈАДЕ?

Написите и прилозите во медиумите, кога се работи за МПЦ, се сведуваат на поводни бележења на активностите на црквата, најчесто по повод црквените празници. За суштината на религијата, верувањето, историските религиски релации и предизвици, ниту збор. „Најинвентивното“ третирање на религијата е околу Божик или Велигден кога новинарите анкетираат верници пред црквите. Во најголем број случаи од анкетите, сè се сведува на тоа што ќе има на празничната трпеза, за тоа што ќе се јаде и пие. За чувствата, односот на религиските норми и за секојдневниот живот, благородноста и за разбирањето со другите, едноставно не станува збор! Да не зборуваме за некои повисоки филозофски сфери на религијата. Внимателно сум слушал и гледал да распознаам нешто што ќе говори посуштински за религијата. Тоа, кога се работи за практиката, МПЦ едноставно ја нема. Дури и оние „посланија“ на владиците се, главно, поводни или, пак, во прилог или за рекламирање на власта која им повладува во нивното баханалиско однесување. За возврат, се палат свеќи за успех на Владата.

МПЦ има очигледна амбиција да се занимава и со сфери кои никако не се нејзин домен. Настојувањето за воведување настава по религија, веронаука, во основните училишта (фала Богу не се оствари) е спротивно на цивилизациските норми. Црквата и верските заедници во сите современи земји се нешто што одамна е одвоено од државата. Ако на нешто треба да се научат младите, тоа е да мислат со своја глава. Веронауката на овој начин е поставена чекор кон спротивното. Таа учи на покорување, на утврдени догми со векови непроменети. Наместо наука за религиите, се беше вовела чиста верска настава. Сетете се дека при краткото воведување на овие предмети во школите, на нашите телевизии гледавме како децата го почнуваат часот со крстење! Тука веќе завршува и науката, почнува верска практика.

 

СУЕВЕРНИЦИ  

Немањето став кон религијата, туку автоматското прифаќање може само да упати на тоа дека религијата воопшто не ја познаваме. Од тоа и тврдењето дека нашите верници се повеќе суеверници отколку верници. Популацијата нема основни познавања за суштината на религијата, МПЦ не им пружа можност да ја запознаат зашто е преокупирана со своите лукративни дејности. Масовното крстење по стари години со оправдување дека биле оневозможувани од комунистичките власти воопшто „не држи“ и тоа се прави од чисто суеверие. Прво, затоа што не е точно, зашто и во комунизмот можеше да се кршетва, венчава, да се слават верски празници. На тоа не се гледаше баш добро ако сте сакале да напредувате во кариерата, но постоеше слобода на избор за оние кои се вистински верници. Тој избор подразбираше дека нема да ѝ повладувате на власта заради својот духовен мир и верувања. Сегашната острастеност на заговорниците на религијата се сведува на истото. И сега тие сакаат да се додворат и да се покажат дека се на „исправната“  политичко религиозна линија.

Тоа е истиот ментален склоп од минатото. Само во обратна насока. Веднаш се препознаваат оние истите кои во времето на комунизмот фрлаа со вапцани јајца по поповите, кои се поплукуваа кога ќе поминеше поп (да не ги удрела несреќа). Ги препознавам истите тие или нивните потомци кои влегуваат во Општина Центар да го тепаат градоначалникот заради црквата која, наводно, не давал да се гради. Тоа сигурно не се верници.

Пораката од овој текст до медиумите би била: да размислат за своето сакано (или несакано) соучесништво во идеологизирањето на религијата на примитивен начин. Религијата не е издвоен дел од човековото живеење. Таа не е нешто посебно. Религијата е длабоко интимно доживување на секој поединец на различен начин. Затоа, таа треба да се сведе на тој свој опсег , без притоа да се прават и создаваат недопирливи фетиши.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска