МОН: Мнозинството наставници и родители се за отворање на училиштата во септември

Од:

Мнозинството анкетирани директори на училишта, наставници и родители се за повторно отворање на училиштата со настава во училница или комбиниран модел на настава во училница и учење на далечина, тврди Министерството за образование и наука.

Мислењата се засновани на прелиминарните резултати од истражувањето „Искуства и ставови за учењето на далечина за време на пандемијата на КОВИД-19“ објавено денес од страна на МОН, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ, Британската амбасада во Скопје и партнерот Реактор – Истражување во акција.

Од вкупно околу 10,000 анкетирани директори, наставници и родители, речиси 59 проценти од анкетираните директори; 58 проценти од анкетираните наставници во основното и 48 проценти од анкетираните наставници во средното образование и 46 проценти од анкетираните родители ја поддржуваат редовната настава во училница во согласност со протоколите и 36 проценти од директорите, 33 проценти од наставниците во основното и 38 проценти од наставниците во средното образование и 35 проценти од родителите поддржуваат комбиниран модел на настава во училница и на далечина.

„Дел од овие резултати кои денес ќе бидат презентирани, се веќе интегрирани во плановите и политиките кои се однесуваат на начинот на реализација на воспитно-образовниот процес во иднина, кој повеќе од јасно е дека мора да се прилагодува на новата реалност, на новите и како што кажав невообичаени услови за едукација за сите нас, а притоа да ја задржи својата основа функција и цел. Останатиот дел од наодите од истражувањето ќе се интегрираат, народски кажано, во ôд и зависно од потребите,“ вели министерот за образование Арбр Адеми.

Првичните резултати од истражувањето на тема „Искуства и ставови за учењето на далечина за време на пандемијата на КОВИД-19“ потенцираат дека:

Над половина од анкетираните наставници, 54 проценти, забележаа зголемување на бројот на ученици кои имаа тешкотии или не успеваат да го усвојат тоа што им беше предавано.
Мнозинството наставници, 77 проценти, во некој момент за време на учењето на далечина не можеле да стапат во контакт со некои од нивните ученици.

Иако сите наставници имале некаков пристап до интернет и компјутерска опрема, значителен дел, 42 проценти, делеле компјутер или лаптоп со други членови на семејството, 18 проценти користеле застарени компјутери и 5 проценти користеле мобилни телефони или таблети, околу 42 проценти имале ограничен или немале постојан пристап на интернет.
Мнозинството наставници изјавија дека им е потребна обука и дополнителна поддршка за да го спроведат учењето на далечина забележувајќи ги следните работи како приоритетни: пристап до дигитални наставни материјали (62 проценти), компјутерска опрема (58 проценти) и дигитални учебници (56 проценти) и обука како да ги користат дигиталните платформи за да ги спроведат онлајн часовите (58 проценти) и дигитални платформи за оценување на ученците (54 проценти).

Мнозинството анкетирани родители имале потешкотии да ги поддржат своите деца за време на учењето на далечина – 61 процент се изјаснија дека нивните работни обврски ги спречувале да им посветат дополнително време потребно за поддршка на онлајн учењето.
Пристапот до интернет и до компјутерска опрема, исто така, беше пречка за некои домаќинства каде 37 проценти од родителите изјавија дека децата мора да делат лаптопи или компјутери со други членови на семејството, а други изјавија дека немаат стабилен интернет; само 5 проценти изјавија дека немаат пристап до лаптоп или компјутер.
Анкетата на директори на училишта, наставници и родители, исто така, ги истражи и ставовите за повторното отворање на училиштата каде:

Мнозинството анкетирани директори на училишта, наставници и родители се за повторно отворање на училиштата со настава во училница или комбиниран модел на настава во училница и на далечина. Само 6 проценти од директорите, 14 проценти од наставниците од средните училишта и 10 проценти од основните училишта сакаат да продолжи наставата на далечина. Меѓу анкетираните родители 19 проценти се изјасниле за продолжување на наставата на далечина.
Речиси сите 94 проценти од директорите на училиштата веруваат дека нивните училишта имаат услови да ја одржуваат хигиената, а повеќе од половината од сите директори на училишта, 55 проценти во урбаните и 65 проценти во руралните средини – веруваат дека училиштето и вработените може да ја одржуваат физичката дистанца во училишната средина.

Според МОН, новото истражување дава дополнителен увид за да се поддржи Владата во планирање и донесување одлука за модалитетите и протоколите за повторно отворање на училиштата. Истражувањето ги надополнува анализите претставени минатата недела од страна на УНИЦЕФ и партнерите за социјалните и економските ефекти на КОВИД-19 врз децата во Северна Македонија кои покажаа дека не сите наставници ги имаат ИКТ вештините потребни за да испланираат и спроведат учење на далечина и дека буџетот за образование е еден од оние каде што имаше кратења и покрај малото зголемување на вкупните владини трошоци со мајскиот ребаланс на буџетот.

Според УНИЦЕФ, без амбициозни дејства во образованието и решително насочување кон најранливите деца, пандемијата на КОВИД-19 уште повеќе ќе ја продлабочи тековната криза во учењето со катастрофални последици за генерации на ученици, како и за економската продуктивност и социјалната кохезија. УНИЦЕФ ја повикува Владата и партнерите:

1. да гарантираат дека училиштата се меѓу првите институции кои ќе се отворат по затворањето поради КОВИД-19 и да обезбедат еднаков пристап до квалитетно учење за повеќето ранливи деца, вклучително и преку инвестирање во дигитална поврзаност за секое дете;

2. да изработат план со различни модалитети што ќе им овозможи на локалните власти да гарантираат дека сите деца се или на настава во училиште или имаат достапност до унифициран пристап кон учење на далечина или комбиниран пристап на учење на далечина и во училница со почеток од септември 2020 година;

3. да се преосмисли учењето и наставата така што секое дете ќе продолжи да стекнува вештини потребни за да успее во животот и работата;

4. да се приоретизираат инвестициите во континуирана обука на наставниците и поврзаност на интернет;

5. да се заштитат и зголемат буџетите за образование и да се гарантира дека финансирањето е насочено кон најранливите.

Првичните резултати од истражувањето на тема „Искуства и ставови за учењето на далечина за време на пандемијата на КОВИД-19“ се засновани на онлајн анкета спроведена во јуни и јули на која одговориле 210 директори на училишта, 6,400 наставници и 3,400 родители. Истражувањето беше нарачано од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ со финансиска поддршка од владата на Обединетото Кралство, а спроведено од Реактор – Истражување во акција. Целосниот извештај со дополнителни перспективи за учениците ќе биде достапен во периодот што следува.

Би можело да ве интересира

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

СДСМ: Ништо од ветената модернизација на училиштата во Аеродром

Објавена највлијателната анкета: Трамп води, гласачите сметаат дека Харис е премногу либерална

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци