МОН и ЗЕЛС: Да се најде доволно добро решение за успешна учебна година зашто општините немаат еднакви услови

Од:

До 10 септември општините, како основачи на училиштата, треба да одговорат до Министерството за образование и наука за моделот на настава во нивните училишта и да аплицираат за физичко присуство, а МОН и владината комисија ќе им даваат одобренија ако се исполнети условите.

Тие што немаат услови, ќе организираат онлајн-настава. Паралелно со условите за настава со присуство, се подобруваат и техничките услови за непречено учење од далечина преку обезбедување брз и стабилен интернет. Се работи и на надминување на проблемот со опременоста на учениците од социјално загрозени семејства за што ќе се бара решение и од општествено одговорни компании.

Министерството за образование и наука ги продолжи консултативните состаноци за подготовка на училиштата за почетокот на учебната 2020/2021 година и за информирање за Планот за воспитно-образовниот процес што го усвои Владата. Тој беше дискутиран со директори на училишта, а денеска министерката за образование и наука Мила Царовска имаше средба и со градоначалници на општини на која беше и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој е и претседател на Заедницата на единиците на локална самоуптава (ЗЕЛС).

Царовска во изјава за медиумите рече дека дел од училиштата се подготвени за настава со физичко присуство согласно со здравствените протоколи и доставуваат барања за одобрение, други училишта се подготвуваат за онлајн-настава за која се подготвува национална платформа. Тест-верзијата на платформата е готова и наскоро ќе биде презентирана во јавноста. Таа ќе биде едноставна за користење, рече Царовска, и сите наставници ќе бидат обучени и ќе имаат пристап.

-Според Планот, имаме флексибилност и комбинираност на наставата зашто некаде тоа го наложуваат условите, а во други моменти и здравствената состојба на учениците или на наставниците и тоа треба да се има предвид. Ширината на овој План дава можност и токму за тоа денеска разговараме со градоначалниците за нивната подотвеност, изјави Царовска и повтори дека се работи за динамичен процес и дека моделите за настава може да се менуваат во текот на училишната година во зависност на менувањето на епидемилошката слика и според насоките на Комисијата за заразни болести.

Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС Петре Шилегов посочи дека на денешната средба разговараат за успешен старт на учебната година во услови на пандемија, кое е сериозно комплексно прашање затоа што, рече, не сите општини имаат еднакви услови, технички и епидемиолошки, за отпочнување на учебната година.

Во вонредни услови не може, рече Шилегов, да има совршено решение, но треба да се најде доволно добро решение за отпочнување на годината, односно оптимален старт според материјалните и техничките можности на општините, со исполнување на обврските што тие ги имаат, пред сè, во почитувањето на протоколите за безбедност на здравјето на учениците.

-Комплексно е прашањето и затоа што во самите општини не секаде се изедначени условите во училиштата за да може да се исполни во целост донесениот План за почеток на наставата од 1 октомври. Затоа мора да ги разјасниме сите нејасностии што ни стојат нам општините, како основачи на училиштата, и од друга страна МОН како организатор на образовниот процес, рече Шилегов,

Во усвоениот План има решенија и за хронично болните деца и за хронично болните наставници кои, како што рече Царовска, ќе може да ја држат наставата од дома наместо во училиштето, а ако се работи за наставник за физичко присуство, ќе може да се вклучи дополнителен кадар. Хронично болниот наставник барањето го поднесува до директорот кој, врз основа на документацијата, ја донесува одлуката. Затоа е неопходно реорганизирање, нагласи Царовска, за да може едно училиште да му помогне на друго во иста општина. Шилегов дополни дека во Град Скопје, во чија надлежност се 23 средни училишта, и досега има ротации на наставници за да го исполнат фондот на часови.

Дополнително, треба да се регулира и начинот на ослободување од работа на родители на школски деца до 10 години и на деца во градинка.

-Таа мерка трае, не треба да се донесува. Станува збор на кој начин ќе се регулира ослободувањето и на кого, кога градинките и училиштата ќе почнат да работат. Во моментот кога таа одлука ќе биде донесена на Влада, јавноста ќе биде информирана, одговори Царовска на новинарско прашање.

Би можело да ве интересира

До крај на година ќе се учи секоја сабота: Неработните денови за учениците преку ноќ станаа работни

Орце Костов

МОН: Не укинуваме паралелка на македонски јазик во велешката гимназија

Орце Костов

Нема евиденција дали 140 денари за оброк завршиле кај студентите, МОН исплаќал пари без утврдени легла во домовите, покажа ревизијата

Орце Костов

МОН за протестот на универзитетите: Ако постои волја во Собранието за колективен договор, ние ќе учествуваме во преговорите

Град Скопје: Трајко Славески не прифати седница за донирање на месечните паушали за Леонид

Предраг Петровиќ

МОН: Наместо на политички игри во училиштата, општина Тетово да се фокусира на квалитетна настава