Почитувани, сите бевме сведоци на немилите настани во и пред Собранието на Р. Македонија и сите сме единствени во ставот дека тоа не требаше да се случи. Беше грозно да се гледа сето тоа. За жал, ние сме земја каде што народот во овие 20 години се напати многу и чувството на солидарност веќе е некако изгубено; сепак, мнозинството од и онака апатичниот народ го осуди она што се случи.
Сето ова го премолчеа само некои од новинарите, интелектуалците, професорите, академиците, уметниците, писателите; го премолчеа ова некои од оние кои треба да бидат најгласни за правото на мислење, став, протест, за правото на слобода. Да потсетам, во оваа држава министерката за внатрешни работи не поднесе оставка кога МВР повеќе од 24 часа го криеше убиството на Мартин Нешковски, не поднесе оставка кога потпаролот на истото министерство го правдаше убиството на двајца млади граѓани во Гостивар од страна на припадник на МВР кој не бил на должност, не поднесе оставка кога контрадемонстрантите од нејзината партија тепаа студенти на плоштад во името на црквата и кога се случувале многу други глупости што немаат врска со правната држава. Кога сето тоа помина – не е за чудење ниту ова што се случи во и пред Собранието.
Постои ли земја во светот каде што првиот братучед на премиерот е и првиот човек на тајните служби, а неговиот кумашин е министер за финансии и ако постои, како се вика таа земја?
На сите им е јасно дека опозицијата имаше право да поднесе амандмани за предлог-буџетот за следната година и дека според деловникот за работа во Собранието, имаше право на дебата (без притоа да навлегуваме во тоа дали амандманите се конструктивни или не).
Владејачкото мнозинство реши да се гласа предлог-буџетот за следната година без да овозможи дебата околу амандманите. За првпат во историјата на нашето Собрание, новинарите беа крвнички исфрлени од него, па потоа и пратениците, на уште помонструзен начин. Дали е тоа демократија? Надвор од Собранието, уште ден претходно беше најавен протестот на опозицијата, на кој владејачката партија веднаш одговори со контрапротест. Патем само да потсетиме дека контрапротестите во Р.Македонија се појавија откако е Никола Груевски премиер.
Контрапротестантите, во присуство на полицијата, почнаа да фрлаат камења кон луѓето кои дојдоа да протестираат, при што се повредени неколку луѓе. Полицијата не им го овозможи уставното право на протест на опозиционерите на местото каде што сакаа да протестираат, туку во целиот тој метеж ги истурка пред Собранието до крстосницата кај Градска болница. Дел од контрапротестантите отидоа да го кршат седиштето на најголемата опозициска партија, што полицијата исто така не го спречи, па членовите на СДСМ во директен судир со насилниците мораа да си ја бранат партијата.
Дали е тоа демократија? Се случи тепање на новинари, пратеници и луѓе, и некој за ова мора да понесе одговорност. Демократијата е убиена, а по сето тоа што се случи, никој кој размислува критички кон ова општество повеќе не е сигурен. Секој кој ќе се осмели да критикува и да протестира може да биде тепан. Ние од „АМАН“ исто го осетивме недостигот од демократија врз своја кожа. Бевме заплашувани со закани, и нам ни организираа контрапротести.
Едно утро осамнаа постери низ градот со слики на наши активисти, но и на граѓани кои дошле на нашите протести и кои не беа вклучени во организацијата на протестите; сликите беа со имиња и презимиња, а над сите нив Бранко Црвенковски кој ги влече конците, што требаше да означува дека сме негови марионети. Зарем немаме право на протест? Иако постерите осамнаа на места каде што има камери, полицијата наводно не знае кој ги поставил!
Зарем да нè обележуваат само затоа што протестираме дека некој нè краде?! Зарем не е тоа фашизам? Оние кои нè обележија и нè етикетираа многу добро знаеја дека Бранко Црвековски не стои зад „АМАН“ и нашите протести, но тоа беше порака до оние неопределените да се заплашат дека ако се појават на протестите, некој снима, слика и знае сè и дека тој некој ќе им се одмазди зашто го критикуваат. Разликата помеѓу нашите протести и оние на СДСМ сега ќе ја видаат тие што нè етикетираа.
Има една мисла која гласи: „Кога ќе видиш како се прави неправда, спречи ја! Ако не си во можност да ја спречиш физички, тогаш гласно осуди ја, ако не си во можност ниту да ја осудиш гласно, тогаш барем осуди ја во своето срце!“
Злото кое се прави во Македонија е огромно, луѓето почнаа да се групираат за да го спречат затоа што не беше доволно да се укажува на него. Треба да им се помогне да успеат во таа намера, зашто ако не успеат, тогаш ќе ни остане да живееме со злото и со неговата осуда во нашите срца. Таа, сепак, не е доволна за да има правда.
Загрижува молкот на некои од новинарите, интелектуалците и уметниците, загрижува и фактот што некои од нив тргнаа да го релативизираат сето тоа што се случи во законодавниот дом. Таквото релативизирање е храна за тие што го направија тоа и ако ова им помине како што им поминаа и другите кршења на законите и на Уставот, тогаш, охрабрени, ќе го практикуваат тоа редовно.
Ги прашувам сите тие што го релативизираат сето ова, сите тие што молчат на сето ова, како ќе се чувствуваа нивните мајки и сестри да беа така влечени низ Собранието? Како ќе се чувствуваа да беше применета сила од страна на полицијата врз нивните браќа, родители, деца кои протестираат? Како ќе се чувствувате да ви биде убиено детето од страна на полицаец и потпаролот на МВР да го крие тоа 24 часа?
Ќе им беше ли мило ако, доколку беа загрозени тие или нивните најблиски, некои познати градски ликови да го релативизираат направеното зло? Ќе им биде ли мило ако утре и нив така ги влечат по улици, како што се случи тоа со новинарите и пратениците во Собранието? Уште се лутат кога некои слободоумни луѓе ги охрабруваат да си го кажат мислењето! Им се лутат на луѓето кои застанале во одбрана на правдата, на тие луѓе кои ги почитуваат нивните дела и редовно ги конзумираат, им се лутат на луѓе кои исто така би го кренале гласот доколку и ним им се случеше истото, а за жал молчат како посрани, со наведнати глави пред оние кои го креираа тоа што се случи во и надвор од законодавниот дом.
Денеска мочењето пред ова зло е соучесништво! А оние кои го одобруваат сето тоа што се случи и дури аплаудираат, се надевам дека токму тие ќе го почувствуваат злото врз својата кожа, да бидат влечени по улици, тепани од полицијата, да ги лаже истата таа полиција макар 24 часа. За секое зло на кое му се радувале а е направено врз луѓе САМО и САМО затоа што размислувале различно од нив, би сакал да го осетат тоа. На оние што го организирале ова се знае кај им е местото.
Власта го сруши уставниот поредок во оваа наша држава, донесе нелегален буџет за следната година, со помош на полицијата која, по ова, според мене е само партиска полиција. Ваква власт тешко дека ќе може да си замине нормално, иако јас го посакувам токму тоа, но таа во својата суштина не е веќе нормална, демократијата е суспендирана. Ова ДПМНЕ е најголемото зло за оваа држава. Тие зборуваат за морал, но нивните дела се крајно неморални.
Во вакви услови, орагнизирањето на опозицијата на улиците низ градовите е нејзина одговорност, но и нужна одбрана. Ќе бидам присутен на сите протести на опозицијата, ќе ја имаат мојата поддршка затоа што не сакам да се разбудам во фашистичка Македонија. Би сакал на истите тие улици, освен класичните протести, да се организираат и музички концерти и претстави, за во сета своја мака, народот и преку уметност да ја артикулира сосствената желба за слобода. Ова е важно од проста причина што, за она „УА“ на протестите да се претвори во „УРА“, потребна е вистинска уметност, а уметноста секогаш наоѓа начин.
Џељо Хоџиќ