Моќта на ненасилната борба

Од:

Протести во Истанбул, протести во Бразил, Арапска пролет, борбата на Ганди против британскиот колонијализам, борбата на Бурманците против воената диктатура, Вацлав Хавел и Солидарност, Мартин Лутер Кинг и така натаму. Сигурно дека овие историски моменти и борби се доста познати, анализирани, земени како пример, па некои дури и претставени на филм.

Прашањето кое се поставува не е зошто се случиле и за што нивните учесници се бореле, туку на кој начин ја воделе таа борба. Тие борби и сличните на нив се воделе ненасилно, како одговор сосема спротивен на тактиките и методите кои ги користеле опонентите.

Поимот на ненасилна борба многу често е поврзуван со ликот на Махатма Ганди. Ганди ниту е инвентор ниту основоположник на ненасилната борба и нејзините методи. Тој само успешно ги искористил против надмоќен противник, што му го донело славното место како во светската така и во историјата на ненасилната борба. Можеби ќе делува зачудувачки, но една од првите појави на облик на ненасилна борба е опишан во античката комедија „Лисистрата” од Аристофан, каде атинските жени со одбивање да ги исполнуваат брачните обврски се обидуваат да стават крај на дваесетгодишната војна помеѓу Спарта и Атина.

Овој метод на ненасилна борба се нарекува лисистратизам. Примери на методи на ненасилна борба се претставени во Талмудот, Библијата, индиските Веди, Куранот.

Ненасилната борба нужно не го опфаќа целото општество и нужно не мора да се однесува на рушење на диктаторски режими. Оваа борба е алатка за сите кои сакаат да ги остварат своите права, ограничени од државниот апарат, а сметаат дека насилството не е ефикасно решение и дека човечките жртви се непотребни и треба да се избегнат.

Учесниците во ненасилната борба можат да бидат луѓе од сите слоеви на општеството, без разлика на степенот на образование, расната, верска, национална и класната припадност. Сé додека целта за која се борат и интересите им се заеднички, разлика помеѓу учесниците нема да постои.

Движењето на мајките од плоштадот Мајо во Буенос Аирес, Аргентина, на почетокот на 80-тите години од 20-тиот век, ги организирало мајките да протестирааат со цел од власта да добијат одговор каде се нивните деца, кои биле киднапирани од воената хунта 1976-1983.

Ова движење кое сé уште функционира и е доста влијателно во Аргентина, е пример за движење кое функционира по принципот на ненасилната борба, опфаќа една категорија од општеството (мајки) и кое својата борба ја насочило кон една цел: расветлување на сите киднапирања сторени од страна на воената хунта.

Друг случај кој, исто така, опфаќа одредена група и една цел која не е заедничка за сите припадници на општеството е движењето за правата на црнците во САД, предводено од Мартин Лутер Кинг. Ова движење исто така ги користело методите на ненасилна борба за да се избори за расна еднаквост.

Суштината на ненасилната борба е дека со одбивање да се употреби насилство против опонентот, кој најчесто или скоро во сите случаи е државата, може да се постигне целта.

Основата на овој метод на борба е дека државата зависи од соработката на поединците со неа и масовното скратување на таа соработка од страна на граѓаните, ќе го присили опонентот (државата) да ги исполни поставените барања.

Од досегашните анализи детектирани и дефинирани се скоро 200 методи на ненасилна борба кои можат да се класифицираат во три главни категории: протести и убедување, несоработка и интервенција. Комбинирањето на овие методи во рамки на можностите на учесниците во ненасилната борба, дополнето со истрајноста и придржување кон стратегијата за борба, е основата на функционирањето на овој вид на борба. Во следните текстови ќе се обидеме да дадеме подетално објаснување на ненасилната борба, нејзините методи, тактики, начинот на функционирање, причините за успех и неуспех, поткрепени преку  историски примери.

Некои борби не ќе можат да се наведат ни во една категорија (успешни или неуспешни) од причини што сé уште се активни и нивните цели не се делумно или целосно постигнати, како на пример борбата за ослободување од воената хунта во Бурма или борбата на тибетанските монаси за ослободување од кинеската окупација. Целта на анализите е да се запознае јавноста со еден вид на борба, да се рашири нејзината идеологија и да се покаже дека кога народот е соочен со насилството на државниот апарат, ненасилството е далеку поефикасна метода од насилството.

Автор: М-р Соња Стојадиновиќ
(Магистер по меѓународна политика)
Авторката е аналитичарка во онлајн магазинот „Револуција“, веб локација: http://mkrevolucija.com

 

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска