„Мој Милане, јабуко са гране“

Од:

Мое приватно мото е дека секој полнолетен маж треба да знае да плива, да управува со возило, но и да пука. Колку и да звучи мачоистички, темелот на мојата теза е едноставен. Ако ништо друго, како татко, сопруг и нечиј старател еднаш во животот може да му се случи да брани семејство.

А, ако треба, еден ден и татковината! Нека ме обвинува кој сака, ама не го менувам мислењето. Своевремено, со секој новороден син една од најголемите благослови беше, „ај да му праиме банкет за војска, па на свадба“! Сигурен сум дека во ушите на сите малку повозрасни генерации сеуште ѕвони онаа легендарна песна од банкетите и испраќањето во војска „Mој Милане, јабуко са гране, кад у војску поѓеш“.

Тоа банкетите беа пиење до балчак, кршење, а куќите кои испраќаа син во војска беа горди што израснале машко чедо за војник да стаса. Арно ама, тоа беше еден сосема друг филм кој можат да го разберат само постарите. На младиве генерации џабе им е и шеесет колумни да им се напишат, нема да разберат! „Било па прошло“! Пасусот ке ќо завршам со цитат од Балашевиќ и неговите стихови „а, у војсци сам стекао друга до гроба и хроничну упалу зглоба, сувенир на војничке дане“. ЈНА, остани си таму каде што си беше, во сеќавањата!

Деновиве, слушам идеја за возобновување на редовната обврска служење воен рок во армијата на Р. Македонија. Апсолутен респект на професионалните војници и на војната стратегија и доктрина на Р. Македонија, ама ова е нешто сосема друго. Дали сме спремни за такво нешто? Не е се во парите и логистиката. Сметам дека тоа е глупост во држава која има многу побитни работи во моментов.

Дали и е потребна на Македонија сега една нова индустрија на „задолжителни патриоти“, една инфраструктура која мимо професионалната и тоа како ке биде терет на државата која сама по себе е во латентен полу колапс. Ај настрана материјалниот аспект, а што ке искоментираме за политичката спремност за создавање „единствена“ високоморална воена структура во тотално неединствена политичко општествена гарнитура?

Професионализмот во редовите на армијата е нешто тотално друго. Во професионалци одат спремни, свесни, начисто со себе и нештата луѓе кои својот „lifestyle“ го пронашле во униформата. Ако оваа млаџарија која на интернет има рецепт за атомска бомба некој успее да ја скроти и стави во ред, тогаш проблемот на државата сама по себе е долгорочно решен. Арно ама, некој треба прво добро да објасни и елаборира како тоа замислува да стави во ред и да им викне „мирнооо“ на една дузина војничиња составена од тотално неединствени Македонци, тотално неединствени албанци, а сите тие заедно секој против секого.

Кој е авторитетот што ке застане да им објасни а пред се убеди и едуцира дека сите тие треба да бидат спремни да го дадат животот за една кауза наречена татковина. Та, да имаше таков авторитет до сега, нема потреба од војска за таква цел. Сета младина ќе беше една војска. Зборувам за моралниот аспект на нештата, за една реалност која сите треба да ја знаеме и да си признаеме дека сеуште Македонија има проблем со чувството за државност кај масата.

Ако некој злонамерник забележи дека Албанците би ја избегнувале војската и не би биле толку лојално ткиво, јас сосема сигурно ке забележам дека сигурен сум во ескиважата и на маса млади Македончиња. Ако некој ме убеди дека некое „татино и мамино“ со задоволство ке облече униформа и ке се отргне туку така од Фејсбук и сите салтанати „а‘ла Peace Brother“, јас еве ке се пријавам на стари години да служам пак војска после ЈНА за да дадам придонес.

Глупост невидена е податокот дека некој ке успее во овие времиња да создаде војска која ке биде стопроцентно лојална, компактна, спремна морално да каже „се за државата“. ЈНА беше – друг филм, по втор пат подвлекувам! Дали регрутите би биле ефикасна воена сила, ако се земе податокот пред се дека за јака војска онолку колку што е потребна современа воена технологија и логистика, толку е потребен и високоморален ментален корпус.

Но! Ајде да се вратиме на почетокот на колумнава и на мојата (сносам одговорност за искажаното) теза дека секое едно полнолетно машко лице би требало да знае да плива, вози и пука.

Сметам дека доколку некој калкулира со евентуален резервен потенцијал во евентуална воена криза, тогаш зошто не се преземе акција за имплементација на некаков вид „своевремено ОНО“ предмет во средните училишта во четврта година, во која децата би се информирале што е тоа експлозив, како тоа функционира, какви видови оружје постои, што значи евакуација, што е тоа нагазна мина, минско поле, како функционира пиштол, пушка „калаш“! Од една страна, младите ќе знаат ако ништо друго кои се опасностите кои ги носи различен вид на оружје, а истовремено ке селектира момци кои можеби себе си ке се пронајде во светот на дисциплината, касарната, и честа да се виде профи војник.

Нека тоа биде факултативен предмет, па кој се пали на оружје, нека иде у професионалци после средно, а кој не е заинтересиран и не се пали на „Рамбо“, таман пари да му дадеш ќе рече, ма „тибам и војска и све“!

Селекцијата ке има природен пат. Војската е реален живот у цокули и дисциплина. Таа реалност не е „Counter strike“ игра на компјутер. Тврдам дека осумдесет проценти од тие што играат такви игрици во реалноста би била „Бум пушката-трт гаќите“! Ја знаете онаа приказна за деца, вели, имаш десет врапци на гранка, ловецот пукнал и убил еден врабец, колку останале на гранка? Ниедно, сите побегнале! Таква ли војска (НАСТРАНА ПРОФИ – ВОЈСКАТА, РЕСПЕКТ) сакаме во актуелно незрелиов општествено политички момент во Македонија?

Не сакам да бидам погрешно протолкуван. Сметам дека професионалната армија на Р. Македонија во овој момент е најадекватно, најквалитетно и највисоко етаблирано тело. Докажано во мисии со оцени за кои многу подобро организирани војски може да завидат. Респект и почит! Арно ама, ти да ја собереш дечурланава и од нив да направиш војска на која можеш да се потпреш денес во Македонија, е најблаго речено смешно. Јас не сакам да звучам дека прејудицирам на „недоволен патриотизам“, напротив, сметам дека оваа земја има многу млади животи спремни да застанат на бедемот на татковината, но, консталацијата на нештата сметам дека е недоволно зрел за таков чекор.

Македонија во овој момент има попаметни работи од воведување задолжителен воен рок и паралелна регрутна војска со професионалците. Тоа не значи дека таа нема херои, дека нема здрави деца, дека нема патриоти, дека нема иднина, дека нема „азгани“! Има!… ама има по приоритетни проблеми за решавање. А, „мој Милане, јабуко са гране“, нека си остане по свадбите и дај боже никогаш да не се пресели повторно по банкети, по испраќање некаде некому топовско месо…

Агим Јонуз [email protected]

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска