Комисијата за заразни заболувања денеска одржа редовна работна средба на која беше разгледана состојбата со вирусното заболување Ебола во земјите во Африка. На Комисијата беше заклучено дека е многу низок ризикот за проширување на овој вирус во Македонија, но постои потенцијална опасност преку патувања да се пренесе во Европа и во земјите од регионот, соопшти Министерството за здравство.
Според податоците од Светската здравствена организација, во моментов, болеста е регистрирана во Гвинеа, Сиера Леоне и Либерија. Досега во овие три земји заболени се вкупно 1.201 лица, од кои 672 завршиле со смртен исход.
Вирусот не се пренесува по воздушен пат, туку исклучиво преку директен контакт со крв или други телесни течности од заболени луѓе (плунка, урина, фецес) или поретко и преку загадени предмети од секрети од заболени лица. Болеста може да се добие преку директен контакт со крв и други телесни течности од диви животни, како што се мајмуните, шумски антилопи и лилјаци.
Инкубацискиот период на болеста од вториот до 21 ден по експозиција на вирусот, болеста може да почне одеднаш со треска, болки во мускулите, слабост, главоболка и болки во грлото. Во следната фаза болеста се карактеризира со повраќање, дијареа, осип, и нарушена функција на црниот дроб и бубрезите. Додека трае периодот на инкубација болеста не се пренесува на друг, туку по добивање на првите симптоми на заболувањето.
Со цел навремено информирање на населението за состојбата со ебола во светски рамки, а со цел преземање превентивни мерки, посебно за лицата кои патуваат во овие земји, Комисијата за заразни болести укажува на превентивни мерки кои се однесуваат на избегнување директен контакт со крв или телесни течности на заразени лица или предмети кои може да бидат контаминирани, избегнување близок контакт со диви животни и консумирање месо од диви животни во Африка или Азија, одржување лична хигиена и редовно миење раце, лицата доколку добијат симптоми на болест додека се на патување веднаш да побараат медицинска помош.
Се препорачува сите лица што патувале во ризичните земји, по враќање во државата доколку имаат некакви симптоми, како што се треска, замор, дијареа веднаш за тоа да го информираат својот матичен лекар и да го напоменат патувањето во овие области.
Комисијата за заразни болести редовно ја следи состојбата со тоа заболување и ги презема потребните мерки за навремено и брзо справување при евентуална појава на случај сомнителен на ебола, согласно донесените протоколи за постапување усогласени со Меѓународниот здравствен правилник, стои во соопштението.
Инаку, еболата е откриена во 1976 година и оттогаш досега имало појава на епидемии исклучиво во земјите од Африканскиот континент, но оваа година бројот рапидно порасна.