Амнестија за сите долгови на Албанците и амнестија за сите Албанци кои се од политички мотиви по затворите, со овие две иницијативи за кои лидерот на Демократската партија на Албанците Мендух Тачи рече дека ќе бидат закони, го започна говорот на митингот во Гостивар.
– За овие 15 години, Албанците неправедно западнале во долгови кои изнесуваат 1,7 милијарда американски долари. Албанците во сите институции, органи се застапени со пет проценти, само во затворите се 96 отсто, рече Тачи.
Од говорницата на градскиот плоштад, првиот човек на ДПА, ја побара довербата на престојните избори, за како што кажа, да се остварат барањата на Албанците, кои доколку влезат во идната влада, ќе ги реализираат во целост.
Зборувајќи за интеграциите на Македонија евро-атлантските сојузи, Тачи кажа дека зачленувањето во ЕУ и НАТО ќе бидат приоритет на оваа партија откако ќе дојде на власт.
– Нема да попуштиме, без оглед дали другата страна, македонските партии тоа го сакале или не. Нема да дозволиме, Албанците во Македонија да живеаат како во Алепо, потенцира Тачи.
Поддршка на престојните избори за ДПА и за носителот на листата во 6ИЕ побара и републиканецот од САД, Хенри Џонс кој им се обрати на гостиварци.
– Долго го познавам овој човек и вие треба да бидете горди што имате ваков човек меѓу вас. Тој ќе донесе подобар живот за сите и затоа му е потребан вашата поддршка, рече Џонс.
На митингот зборуваа и кандидатите за пратеници Рушид Веапи и Фикрие Емрули.