Општеството во кое живееме боледува од хронична политичка депресија. Ова што ни се случува наликува на феноменот кој во психологијата е познат како научена беспомошност (learned helplessness), немоќ. Ни треба позитивна политичка психологија за да се излекуваме, ама само ако почнеме веднаш
Пишува: Зоран Димитровски
Нема помош од политичкиот цунами што нѐ снајде. Гробната скандинавска изборна тишина беше толку гласна, што некои осамени крикови во неа само подлабоко ја закопаа вистината за измамата. Замислете, професорот Пивоваров пријавил манипулација на гласачко место и се чуди како немало никаков ефект! Мирно, како на стрелање, уценети пензионери, семејства на државни административци, поткупени сиромашни граѓани во многу македонски населби и села ги полнеа кутиите за власта и никој не се обиде ниту да писне. Сите молчат, слегнуваат со раменици. Нема ниту шепот поради немоќта што ја чувствуваат. Ни ОБСЕ, ни Брисел, ни Вашингтон немаат лек за македонската несреќа. Амбасадорите станаа восочни фигури. Што да правиме со Македонија, велат плашливо. Ако ве притиснеме посилно поради диктатурата, одговорот на власта се знае, демек бараме да го смените името. Ако наесен ви ја одземеме препораката за преговори за членство во ЕУ, дотолку полошо за вас, ќе ве снајде уште потрагична судбина, уште посурова диктатура.
Хронична политичка депресија
Сите кренаа раце. Дури и опозицијата се јаде жива однатре, зашто виде оти нема чаре. Не може со арно, не може со лошо. Отпорот лани се скрши, падна на првата кривина. Враќањето во парламентот и соработката за изборните закони не подготви терен за фер натпревар. Аферите за криминалот на власта не успеаја да му ја растурат дури ниту фризурата на пастирот. Минаа како пладневно пролетно ветре. Во медиумите – масакр за инаквото мислење. Погреб за опозицијата. Што да се прави? Не чини Бранко, не чини Заев, не чини Рада. Ниту Стево не успеа. Може ли некој воопшто да му се спротивстави на Груевски?
Општеството во кое живееме боледува од хронична политичка депресија. Ова што ни се случува наликува на феноменот кој во психологијата е познат како научена беспомошност (learned helplessness). Американскиот психолог Мартин Селиџман во шеесеттите години на минатиот век направил експеримент инспириран од „Павловиот рефлекс“ – знаете онаа позната реакција на кучето, на кое по секој удар на ѕвончето со кое ѕвони неговиот газда почнуваат да му течат лиги, зашто очекува храна. Но, наместо храна, на кучињата затворени во кафези Селиџман им давал електрични шокови. По секој електричен шок кучињата се обидувале да избегаат од кафезите, но попусто. Скокале, лаеле, се превртувале, ја гризеле металната ограда ама никако не можеле да избегаат. Во следниот дел од експериментот, истите кучиња Селиџман ги ставил во кафези со ниска ограда која можеле да ја прескокнат. Но, кога им пуштил електрични шокови, се случило чудо. Тие останале мирни, не се ни обидувале да ја прескокнат оградата. Од претходниот дел од експериментот научиле дека што и да направат, не можат да избегаат од кафезот. Па, кога им се укажала таква шанса, не знаеле да ја препознаат. Навикнале да живеат со електрични шокови!
Играње лото наместо потрага по попристојна работа
Селиџман заклучил дека беспомошноста е резултат на научените лоши лекции. Ако си се обидел неколкупати да најдеш попристојна работа од онаа што ја имаш и да заработиш повеќе пари, а не ти успеало, на крајот ќе се помириш со судбината и ќе почнеш да играш лото и да мечтаеш за добивка. Сиромашните во САД играат повеќе лотарија, отколку средната класа. Тоа не значи дека на средната класа не ѝ се потребни пари, туку оти кај сиромашните беспомошноста е посилно изразена, благодарение на научените лоши лекции. Успехот во животот, работата, љубовта, може да биде резултат на процес на учење. Лошите лекции треба да се заменат со добри. Индивудуалната психолошка депресија кај човекот може да се лекува со упатствата на т.н. позитивна психологија, која ја развил Селиџман, автор на десетици книги – бестселери со кои може да се постигне „автентична среќа“ (Authentic Happiness).
Други научници оваа психолошка теорија ја кренале на општествено ниво. Луѓето во политиката, граѓаните во демократските општества, исто така, може да паднат во политичка депресија. Поради многубројните неуспешни обиди да се спротивстават на неправдите, тие стануваат граѓански неактивни, не учествуваат во општествени движења, не се приклучуваат на цивилни акции. Со други зборови, не му се придружуваат на отпорот. Да речеме, се помируваат со последиците на светската финансиска криза или со оние на глобалното затоплување, иако знаат оти за нив се виновни одлуките на политичките елити. Причината е што претходните лекции ги научиле оти не можат ништо да сторат. Се разбира, тоа умешно го користат авторитарните режими за да ја мултиплицираат и закостенат својата власт.
Македонија и македонските граѓани тажно заглибија во научена беспомошност. Работниците во текстилните фабрики кои работат по 10-12 часа за мизерна „аирлија“ плата од осум-девет илјади денари не ни помислуваат да се здружат во синдикати за да ги побараат своите елементарни права, зашто се сигурни дека ќе бидат отпуштени од работа. Го виделе тоа многупати досега. Штрајкуваа лекарите, па гледајте што го снајде нивниот лидер Ставриќ? Скопјани немо го гледаа дури и скромниот првомајски протест на неколку независни синдикати по улиците на градот. Зарем треба да ги види шефот како протестираат пред Владата? Што ли бараат овие што протестираат, си велат. Малкуте независни синдикати што егзистираат се полни со невработени, со пензионери, со оние што немаат што да изгубат, па затоа и не се плашат да се бунат.
Научени сме си ние на својата беспомошност!
Новинарите молчат додека весниците и ТВ дневниците им ги уредуваат пропагандните труби на владеачката партија, зашто толку пати досега добија лекции дека можат да останат на улица ако кренат глас. Море може власта и да им ги затвори медиумите, па дури и нив да ги пикне зад решетки. Бизнисмените ни на сон не помислуваат да поддржат други политички партии, освен владините или сателитските. Може инспекции да им удрат катанец на фирмите, да банкротираат, а може да се најдат и во Идризово. Професорите, академиците, писателите, интелектуалците, инженерите, банкарите, земјоделците – секој си го гледа својот личен сеир. Ќути, велат, може да биде и полошо. Ние Македонците имаме и историски, социјално-политички причини да трпиме и да не се бунтуваме против неправдите на власта. Пет века турско – можеше ли нешто да промениме? Дури и востанието во крв ни го задушија. Научени сме си ние на својата беспомошност! Чаре?
Кога лани ја поведовме акцијата за слобода на Кежаровски, речиси и да немаше искрен пријател кој не ме предупреди – внимавај, може да заврши(ш) лошо! За среќа, таа акција беше меѓу малкуте граѓански движења, што на крајот дадоа барем некаков резултат. Кежаровски беше пуштен во домашен притвор. Засега. А јас добив само отказ. Засега. Ни треба позитивна политичка психологија за да се излекуваме, ама само ако почнеме веднаш.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).