Министрите за европски прашања се состануваат денеска во рамки на декемврискиот Совет за општи работи на ЕУ на кој Северна Македонија се надева да го добие ветеното отпочнување на преговорите, но шансите се многу слаби.
Повеќе од година и половина откако лидерите на ЕУ дадоа зелено светло за изготвување на преговарачката рамка со Северна Македонија и Албанија и одржување на првите меѓувладини конференции со што се означува формално стартот на преговорите со ЕУ, Скопје и Тирана ниту денеска не се надеваат на деблокирање на ситуацијата поради ветото на Бугарија.
Според повеќе високи дипломатски извори од земјите членки на Унијата, опцијата за издвојување на Скопје и Тирана нема поддршка од министрите освен бугарскиот. Можноста Софија да го тргне ветото за Северна Македонија во текот на утрешниот ден, или за време на лидерскиот самит в четврток и петок, е во рацете на земјите членки и нивната волја и способност да ја убедат Бугарија.
Софија инсистира договорот за пријателство да биде поврзан за процесот на проширување за Северна Македонија и експлицитно да биде тоа наведено во заклучоците за Северна Македонија што треба да произлезат од денешниот министерски состанок. Како што стојат за сега работите словенечкото претседателство заедно со голем број земји членки се противи на ова барање бидејќи тоа би значело билатерализација на целиот процес, што е спротивно на новата методологија за преговори на ЕУ и би креирало преседан за идните земји што ќе преговараат.
Во нацрт заклучоците ЕУ се чини попушти на барањето на Бугарија да се користи систематски долгото име Република Северна Македонија. Додека за сите други земји од регионот се користи краткото име – Србија, Албанија, Косово, итн. без “Република“. Оваа асиметрија е тешко прифатлива за македонската страна, која смета дека треба во тој случај да се користи долгото име за сите земји, не само за Северна Македонија. Оваа пракса премина и во секојдневниот вокабулар на дипломатите и министрите на земјите членки кои дури и на прес конференции и на неформални брифинзи го користат долгото име Република Северна Македонија, а краткото за сите други земји.
Европската Унија и оваа година би можела да остане без заклучоци за проширувањето, што беше веќе случај минатата година. Иако вината за ова не е само во бугарско-македонскиот спор. Земјите на ЕУ не можат да се усогласат ниту за Босна и Херцеговина ниту за Турција сѐ уште.
До крајот на овој ден министрите на ЕУ, кои денеска имаат и други точки на дневен ред освен проширувањето, ќе треба да дојдат до резултат за преговорите со Северна Македонија и Албанија, и да произведат заклучоци за проширувањето што ќе ги задоволат сите.
Доколку не успее словенечкото претседателство во тоа, се очекува да ги објави своите претседателски заклучоци со можност земјите членки што стојат зад овие заклучоци да бидат именувани. Во тој случај би можела Бугарија да остане изолирана зависно од исходот на денешните разговори помеѓу министрите на ЕУ.
Лани првпат земјите членки не објавија никакви заклучоци за проширувањето, главна пречка беше инсистирањето на Бугарија да биде вметната реченица за „погрешно толкување на историјата“ во делот за Северна Македонија специфично. ЕУ нудеше компромис тоа да стои во воведот за сите земји, но компромис не се постигна.
Останува отворено прашањето дали Бугарија ќе прифати да не се поврзува Договорот за пријателство со процесот на проширување. Ако ова се деблокира Бугарија, исто така, најверојатно ќе има приговори и за самата преговарачка рамка на Северна Македонија и, меѓу другото, употребата на македонскиот јазик во неа. За потсетување, македонскиот јазик е причината зашто Бугарија го блокира договорот меѓу Северна Македонија и Фронтекс.