Министерот за косовските безбедносни сили, Бериша во работна посета на Македонија

Од:

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со делегација од Министерството и Армијата на Република Македонија денеска имаше работен состанок со делегација од Министерството за косовските безбедносни сили, предводена од министерот Рустем Бериша која е во кратка работна посета на Република Македонија.

Министрите Шекеринска и Бериша изразија задоволство од одличните билатерални односи како и успешната одбранбена соработка помеѓу двете земји.

„Македонија постави еден нов стандард кога станува збор за добрососедските односи и меѓусебната поддршка во регионот. Покажавме дека не само што сакаме да одиме кон Европа, туку имаме капацитет и волја европскиот начин на однесување, и покрај сите предизвици, да го донесеме на Балканот. Тоа е видливо и за нашите европски и евроатлантски партнери, поради што Македонија денеска е земја со покана за членство во Алијансата, што има позитивно влијание на регионот“, рече министерката Шекеринска на средбата и додаде дека евроатлантската перспектива за земјите е од големо значење за стабилноста на целиот регион.

Шекеринска го запозна косовскиот колега со обврските за Македонија во актуелната фаза од пристапување кон НАТО – пристапните разговори, и рече дека Македонија е подготвена да ги сподели своите искуства со земјите од Западниот Балкан чија цел е интеграцијата во НАТО.

Во однос на соработката, министерката Шекеринска посочи дека нејзина круна е школувањето на питомци од Косово на Воената академија во Скопје. „Македонија и во иднина ќе продолжи да школува питомци за потребите на Косовските безбедносни сили, а ми причинува задоволство фактот што и Косово има сериозен интерес овој процес да продолжи“, рече министерката.

Косовскиот министер се заблагодари на соработката со Македонија во одбраната и се заложи за нејзино зајакнување. Министерот Бериша ја поздрави посветеноста на Македонија на интеграцијата во НАТО и ЕУ и рече дека членството на Македонија во НАТО ќе има позитивно влијание на безбедноста во регионот. „Соработката меѓу Македонија и Косово како соседски земји води кон одржлив мир и стабилност во регионот“, рече Бериша. Воедно, тој информираше за плановите и предизвиците со кои во моментов се соочува Косово во политичка и безбедносна смисла.

Министерката Шекеринска рече дека Македонија ќе ја збогати соработката со Косово и ќе продолжи да го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина под медијаторство на Европската Унија. Таа се согласи дека билатералната соработка меѓу земјите во регионот е начин да се унапреди безбедноста и стабилноста во регионот и изрази надеж дека регионалните предизвици, преговори и отворени прашања, ќе се затворат на начин кој ќе биде во интерес на напредокот на целиот регион.

Македонија и Косово во областа на одбраната и безбедноста соработуваат од 2010 година кога беше потпишан и Меморандумот за соработка, кој опфаќа области како безбедносната и одбранбена политика, медицинската обука, военото образование, стручното усовршување.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина