Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети денеска во Тирана заедно со неговите колеги од Косово и Албанија учествуваше на тркалезна маса на која се дискутираше за имплементација на заедничката визија за прекуграничното заштитено подрачје Шар Планина – Кораб.
– Овој проект го гледам како можност за унапредување на досегашната успешна регионална соработка на полето на заштитата на биолошката разновидност, особено во делот на прекуграничните заштитени подрачја, истакна министерот Амети, додавајќи дека Република Македонија се одликува со огромна биолошка разновидност чии основни обележја се богатствотото и хетерогеноста на видовите и екосистемите.
Според Амети, неопходноста од превземање на координирана акција на локално, регионално и глобално ниво за превенција, намалување и ублажување на штетните влијанија врз биолошката разновидност, е потребна и добредојдена.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека во тек е и реализацијата на проектите „Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето“ и „Зачувување и одржливо користење на биодиверзитетот на Преспанско, Охридско и Скадарско Езеро“. Минатата година е спроведен и ЕУ ИПА проектот „Зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000”, преку којшто беше изготвен нов Закон за заштита на природата и подзаконски акти, заради целосно транспонирање на ЕУ директивите за живеалишта и птици. Истата година, прекуграничната соработка меѓу Македонија, Албанија и Грција за заштита на природата беше унапредена преку формирање на Фонд за заштита на природата Преспа – Охрид (ПОНТ).
Во рамки на посетата на Тирана, министерот Амети оствари средби со албанскиот министер за животна средина Лефтер Кока и косовскиот Ферат Шала.