Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила директна дискриминација и вознемирување врз основа на личен или општествен статус извршена од Министерството за образование и наука.
Подносителката, која е државен советник во МОН, во својата претставка до Комисијата побарала заштита од дискриминација од МОН како институција, од министерот Јетон Шаќири и од поранешната министерка Мила Царовска, а како потенцијален дискриминатор ја навела и државна советничка која до август 2023 година извршувала функција државен секретар во МОН и и била непосредно претпоставена.
„Вознемирувањето/дискриминацијата и понижувањето на работното место започна од денот на вршење на функцијата министер за образование и наука од Мила Царовска и продолжи во континуитет и по преземањето на функцијата од страна на Јетон Шаќири и се уште трае. Јас сум единствена жена – државен советник различно третирана од останатите државни советници, дискриминирана и понижена“, се наведува во претставката.
Советничката, која во тоа време осма година по ред извршувала функција – државен советник за капитални инвестиции, се пожалила дека за време на користење на годишен одмор телефонски добила порака веднаш да се врати на работното место, а откако одбила, министерката Царовска издала наредба со која и го поништила решението за користење на годишен одмор и и наредила да го прекине одморот и да се врати на работа заради итни и неодложни работи во МОН.
„Наредбата ја испочитував и се вратив на работа, но психичкото вознемирување продолжи од сите кабинетски службеници на министерката вклучително и министерката, а се состоеше во навреди, закани на колегиуми, барање за извршување на задачи за кои немам овластување…“ изјавила подносителката приложувајќи докази.
Таа тврди дека на колегиум одржан на 5 октомври 2020 година, министерката во присуство на заменик министер и се заканила дека ќе ја избрка од работа затоа што негативно и одговорила за предмет од 2017 година кога била министерка за труд и социјална политика.
Во ноември 2020 била испратена да работи во канцеларијата на МОН во ГТЦ на работно место државен советник за општи работи каде што немала услови за работа, а министерот Шаќири иако бил запознаен со одлуките на министерката, не ја повикувал како државен советник на состаноци и продолжил да ја третира дискриминарчки, се наведува во одлуката.
КСЗД му препорача на МОН да и обезбеди соодветен работен простор во службените простории на министерството каде се сместени останатите државни советници и да и обезбеди соодветен пристап до работни задачи и услови со цел да се острани продолжената дискриминација кон неа и да престане вознемирувањето кон неа.