Министерката Царовска ја посети кумановската градинка „Ангел Шајче“

Од:

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска ја посети кумановската градинка „Ангел Шајче“, при што од надлежните беше информирана за условите во кои работи градинката, како и за функционирањето на втората смена во оваа детска установа.

Во оваа прилика министерката посочи се преговара во буџетот за 2018-та година да се обезбедат средства за дополнителни нови вработувања во градинките во држвата, бидејќи има потреба од тоа.

– Во таа насока работиме и ќе обезбедиме средства, изјави Царовска. На ниво на Македонија, посочи според проценките потребни се 2.300 вработувања и дека праведно ќе се распределат, согласно потребите, обемот на градинките, опфатот на децата, наталитетот.

Директорката на кумановската градинка, Марина Алексовска, истакна дека ја поканиле министерката на традиционалното отпочнување на новата учебна година во установата.

На овој начин, како што рече таа, ги поздравуваат новпримените деца. Вкупно, во шестте објекти во Куманово има 1.805 старо и ново запишани деца во 49 воспитни групи. На листата на чекање има 700 деца и Алесковска се надева дека со адаптација на „Пионерскиот дом“ ќе се растеретат објектите, бидејќи таму ќе функционираат една јаслена и две градински групи.

– Двосменско работење во Куманово функционира од далечните 90-ти години, изјави Алексовска и додаде дека родителите се информирани дека втора смена има во објектот кај стадионот.

Алексовска посочи дека имаат потреба од околу 30 нови вработувања, бидејќи во минатото се испразниле голем број работни места.

Министерката Царовска одговарајќи на новинарско прашање, рече дека е во тек реконструкцијата на дел од поранешниот „Пинерски дом“, кој се адаптира за потребите на градинката и додаде дека се очекува до 20 октомври да се предаде во употреба.

Одговорајќи на новинарски прашања за нефункционирањето на народната кујна во Куманово, Царовска посочи дека тоа се случува и во Велес и оти е информирана и Владата. Истакна дека Центрите за социјална работа биле оставени без лице кое спроведува јавна набавака и доколку имало, тогаш набаваката би била извршена и граѓаните би ја добивале храната.

Министерката посочи дека директорката на кумановскиот Центар за социјални работи се обидува да се поврзе со друг Центар за социјална работа, кој спроведува јавна набавка и штом се заврши таа процедура граѓаните ќе ја добиваат храната која им следува.

– Да не заборавиме, дека тука, порано готвела јавна установа, но, веројатно, заради различни економски интереси е тргната јавната установа. Ако се сакало да течат работите, јавната установа можела да продолжи да готви, граѓаните да имаат храна, но прекинат е тој договор, не е склучен друг договор со економски оператор и затоа граѓаните патат. Ние не можеме да го надминеме овој проблем, бидејќи, ако еднаш е прекинат договор, ние влеговме во избори, а пред изборите немавме лице кое што смееше да спроведе јавни набавки во Куманово, појасни министерката.

На новинарско прашање Царовска изјави дека е запознаена со случајот на семејството од село Враготурце, чии членови се слепи и дека комуницирала и со тоа и со друго семејство од општината Старо Нагоричане. Додаде дека семејството ги прима сите права кои им следуваат согласно законите, дека системот ги исплаќа потребните трансфери, и оти останува да се реши превозот до училиштето, нагласувајќи дека и овој проблем ќе се надмине.

– Тоа семејство бара да има стан во Куманово, да има станови, да има куќи, ние тоа можеме да го обезбедиме, но да обезбедите стан или куќа, за лице што веќе има дом, а имаме толку многу граѓани што се бездомни, мислам дека системот би постапил нефер, изјави Царовска.

На прашање дали има социјални станови, министерката посочи дека нема, но потенцираше дека како држава воопшто немаме ниту закон за социјално домување.

– Што е проблематично тие станови биле градени и се продаваа по откупна цена еве на пример во Велес по откупа цена од 600 евра квадрат, која е и пазарна цена во сите градови, во Скопје е поскапа. Значи колку биле тие социјални станови и како е направена таа целосна манипулација, ние правиме ревизија и министерот за транспорт и врски го разгледува ова прашање за да најдеме нов модел, каде што ќе се отстапува одреден простор, дали е стан, дали е колективна, друг тип на станбена заедница, каде што граѓаните ќе го користат додека се економски немоќни. Во моментот кога ќе станат економски моќни, би требало да го отстапат на друго семејство, кое што во тој момент е во немоќ. Така треба да се ревидираат сите овие начини на кој што граѓаните ќе добијат поддршка од државата, изјави Царовска.

Би можело да ве интересира

Велковски: Буџетот на МТСП оштетен над 2,5 милиони евра

МТСП: Си заминува стручниот кадар од Центрите за социјална работа

Нема веќе предвремена исплата, пензиите како пред пандемијата

Катерина Ѓуровски

МТСП: Пензискиот фонд е стабилен, да не се креира страв кај пензионерите

МТСП: Социјалните партнери постигнаа значителен напредок во преговорите за раст на платите во јавен сектор

МТСП: Во тек е исплата на образовниот додаток за трет мерен период за учебната 2022/2023 година

Ана Ололовска