Минчев: Реформите во јавната администрација носат конкретни резултати, донесени три клучни системски закони

Од:

Извештајот на Европската комисија за 2026 година нотира напредок во реформата на јавната администрација, зајакнувањето на институционалните капацитети и воспоставувањето законска рамка за попрофесионално и поефикасно функционирање на јавниот сектор, информира министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Презентирајќи го двегодишниот отчет за својата работа во рамки на отчетот на избраните и именуваните функционери од Движењето ЗНАМ, Минчев истакна дека во изминатите две години биле започнати и реализирани значајни реформски процеси во јавната администрација, која со години се соочувала со нефункционалност, фрагментираност и недоволна професионализација.

Како еден од најважните резултати ги посочи донесувањето на три системски закони: Законот за административните службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници. Со нив се воспоставуваат нови правила за вработување, оценување, напредување и професионален развој, засновани врз јасни критериуми и принципот на заслуги.

Минчев го издвои и донесувањето на Законот за високи раководители, со кој се предвидува транспарентна постапка за избор на раководни кадри преку јавни огласи, проверка на условите и рангирање на кандидатите, со цел раководните позиции да се пополнуваат врз основа на професионалните квалитети.

Во делот на стручното усовршување, воспоставена е Академијата за професионален развој и обука на административните службеници, а реновиран и модернизиран е и Центарот за обука во Аеродром. За првпат биле реализирани генерички обуки за повеќе од 1.000 административни службеници низ државата.

Паралелно се работи на надградба на Информацискиот систем за управување со човечките ресурси (ИСУЧР), со цел воспоставување единствен и функционален систем за кадровско управување. Планирано е негово проширување кон околу 1.400 институции до крајот на 2026 година.

Меѓу спроведените промени Минчев го посочи и новиот модел на инспекциски надзор, предвиден со Законот за инспекциски надзор, преку интегрирање на инспекторатите во матичните министерства. Укинувањето на Инспекцискиот совет и припојувањето на вработените кон Министерството, според отчетот, треба да донесе годишни буџетски заштеди од околу 300.000 евра.

Дополнително, со Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа продолжува процесот на реорганизација на институциите, со цел појасно разграничување на надлежностите, отстранување на преклопувањата и порационално користење на јавните средства.

Во отчетот е опфатен и договорот со синдикатите за континуирано зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти до март 2028 година. Според Минчев, професионализацијата на администрацијата подразбира и соодветно вреднување на трудот, стабилност и можности за напредување.

Реформите се поддржани и преку меѓународната соработка. Во партнерство со Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА), македонските административни службеници учествувале на повеќе од 1.200 обуки, програми за развој на компетенции и активности за размена на знаење.

Европската комисија во извештајот ги нотира и подобрувањата во проценката на влијанието на регулативата, работата на Советот за реформа на јавната администрација, како и зајакнувањето на капацитетите за координација и следење на реформските процеси.

Минчев оцени дека позитивните оценки од Европската комисија се потврда за насоката на реформите, но нагласи дека вистинскиот успех ќе се мери според квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните, намалувањето на административните бариери за бизнисите и ефикасноста на институциите.

Од Движењето ЗНАМ посочуваат дека двегодишниот отчет ги отсликува законските и институционалните промени што биле преземени во јавната администрација, оценувајќи дека функционалните институции и професионалниот јавен сектор се клучни предуслови за подобро функционирање на државата.

Би можело да ве интересира

Филков: ЗНАМ стои зад ставот дека според Уставот и важечките закони правосудниот испит може да се полага само на македонски јазик

ЗНАМ: Општина Центар не знае колку згради се градат во моментов, нема ниту градежен инспектор да ги брои

А1он

Минчев: Граѓаните не живеат од ветувања, туку од резултати што ги чувствуваат

ЗНАМ предлага измени на Законот за семејството: Посвоените лица да можат да добијат информации за своето потекло

Димитриевски од Гостивар: Со Бугарија ќе разговараме, но од македонскиот идентитет не отстапуваме

Димитриевски: Не влеговме во Владата за фотелји!

А1он