Мимоза Ристовска за Фатиме Фетаи: Од кучка со камшик, до жена со правда во очите

Од:

Професорката Мимоза Ристовска на нејзиниот блог објави текст во кој го опишува искуството со обвинителката Фатиме Фетаи пред да стане специјален јавен обвинител.

Ја запознав Фатиме уште кога си беше обвинител во ОЈО, т.е. пред  да стане селебрити-СЈО. Еве ја приказната за тоа несекојдневно запознавање.

Ја обвинувам обвинителката

Но да се вратам наназад 3-4 години. Само што се бев вратила по едногодишниот престој од Америка, каде престојував како визитинг професор на Беркли, јас  веднаш и напишав писмо на обвинителката која го добила мојот предмет за да ја известам за враќањето. Имено, од ОЈО барав кривично да го гони таткото на моите деца поради неплаќање издршка. Но, предметот до моето заминување со децата за САД не беше уште распределен, па јас овластив една моја пријателка – адвокатка што ќе ме застапува за време на отсуството. Адвокатката Коцарева имаше задача да го запознае надлежниот обвинител за моето отсуство. И така, по враќањето јас три месеци не добивав покана за да посведочам за криминалното однесување на таткото на моите деца, кој инаку е полн како брод, но беше цврсто решил да не плаќа издршка за децата туку парите интензивно да си ги троши само на млади русинки/украинки, фацијални лифтинзи, третмани за подмладување,  абдоменални липосукции, набавки на разни други напитоци за долговечност, операции за расадување  коса од кај тилот кон предните опустошени регии. Човекот наместо за прехрана и образование на децата се беше пуштил во себе честење со севозможни “фонтани на вечната младост”. Поради мојот финансиски очај наспрема неговото расипничко лудило јас еден ден смртно се разлутив и напишав до OJO ургенција во која јас, Мимоза Ристова, ја обвинувам обвинителката Фетаи  дека таа намерно го одолговлекува предметот. Ја обвинив дека  не ме повикува само за да му услужи на таткото, кој е инаку дебело врзан со тогашната коруптивна власт на ДПМНЕ и ДУИ. И пишав дека поради недостиг на финансии и нејзиното неразумно одолговлекување веќе ги имав огласено за продажба клавирот и флејтата на моите деца, како прв луксуз без кој може да се преживее, и секако и ги закачив и линковите од Пазар3 како доказ. Најдолу во писмото и го запишав мојот  мобилен телефон, притоа во себе помислувајќи си “жими Ашима што обвинителката ќе ми се јави и со мене ќе сака да поразговара како со човек, после ова мое писмо”.

Телефонскиот повик од Фатима

И така, поминаа едно 10 дена од моето обвинение кон обвинителката. Тоа пладне бев седнала на кафе во еден кафиќ во Аеродром со еден човек што прв пат го гледам. Една моја бивша докторантка ми го имаше препорачано за да ми направи натален хороскоп кој ќе ми помогне да си ги најдам природните астрономски теченија, да не одам контра влијанијата на Вселената за полесно да запливам низ релативистичкиот простор-време. Таа знаеше дека просторот и времето имаат направено пакт против мене, дека многу ме тормозат и дека редовно ми ги јадат џигерите. И така, јас и тој Мухамед од Белград разговараме на темата знаци, асцеденти, куќи и триста аспекти кои не умеам да ги пренесам, пошто сум неука во астрологијата. Додека тој на лаптопот ми го покажуваше небото во моментот на моето рождение, ми зазвоне мобилниот.

               – Дали е тоа Г-ѓа Ристова Мимоза?

               – Да. Јас сум.

               -На телефон Обвинителка Фатиме Фетаи. Од вас добив едно многу навредливо писмо.

                – Навредливо??? Дали сте свесни колку сум јас навредена што не постапувате по овој сериозен предмет – неплаќање издршка? Дали вие мислите …… и почнав да се карам со неа …

              – Ама како си дозволувате да ми импутирате поврзаност со било која партија????…- и таа го покрена тонот за да ме надвика. Јас обично лесно се раскарувам, но и оваа не беше баш со долг фитил. Почна да ме обвинува дека обвинението кон неа е бесмислено и срамно.

                – И за која цел ми се јавивте? За да се караме??? А мислите ли нешто да преземете за предметот, или тој не е важен за вас. Моите деца и јас ќе ја чекаме вашата милост до кога? Кога ќе ме повикате? – и натаму се жестев како накострешена мачка.

              – Ама престанете со тие обвинувања веќе. Дојдете еве сега. Веднаш ако сакате. Ве чекам.

                – Ама како тоа сега..? Па јас треба да одам до дома да ги земам документите. Јас не сум дома, туку на еден состанок. Надвор сум…. – бев убедена дека таа ме провали дека денгубам во кафиќ и дека е свесна дека атмосферата, џагорот и музиката се 100% кафански.

                Но нејсе.  Веднаш, го забаталив кутриот познат Белградски астролог за 1 минута, кажувајќи му дека изгледа ѕвездите инстантно почнаа да се доведуваат во некаков посреќен редослед. Му платив за хороскопот, а тој одби да ги земе парите, заради незавршените анализи.

Во обвинителство

Се качив во насловеното сопче во кое ме чекаа обвинителката Фетаи со уште две службенички. Чинам, женава од старт ме мразеше од дното на душата. Беше трудна до заби, но добро се држеше. Бременоста многу убаво и прилегаше на виткото тело. Ја болеше ‘рбетот и кога седнуваше, правеше гримаса на болка. Беше напупена во мевот како да беше проголтала лубеница, од помалите. Јас пак, веднаш паднав во очај дека сум паднала во рацете на некоја, која ем е по партиски клуч напикана на место што не го заслужува, ем е бремена и со намалена работоспособност и слаба мотивираност. Си мислев дека ќе гледа да ме откачи на брзина и дека ќе ме казни поради беобзирноста во комуникацијата со неа.   Почна да ги зема моите генералии и да и диктира на дактилографката.  Повремено ќе ме прострелаше со двата сафира со таков презир, да верувам, да бев некоја друга, ќе се онесвестев од страв. Во ледените мразови што ласерски трештеа кон мене таа како да сакаше да ме замрзне, па да ме фрли во некое ледено море за да ме раздаде како храна за гладните китови. Кога започна распитот, јас почнав емотивно да говорам за нашата домашна приказна, за таткото кој е неодговорен, за моите маки да обезбедам за живот и малку среќа. И појаснував дека поради сето тоа не можеме да живееме во обична стабилна рамнотежа, а да не збориме за благосостојба. И документирав дека тој човек ни ги разнишува потпорните столбови во семејството. Од регистраторот и давав нови и нови документи за да ги докажувам сопсвтените аргументи. Истовремено, од моите искази, кои можеби биле некако преекситирани, емотивни и дури и хаотични, таа во записникот  диктираше парафразирани и лекторирани реченици. Таа составуваше онакви реченици какви што требало самата да изговорам. Создаваше совршено литературни искази на македонски јазик. Повремено, на дактилографката и појаснуваше каква интерпункција да употреби. Кажуваше каде запирка, а каде треба точка и запирка, а каде две точки. Низ течението на исказот, Фатиме постепено си го трансформираше погледот кон мене, па од поглед на кучка што радо би земала кожен камшик за да ме искамшикува по гол грб, таа почна да ме гледа со мексот и топлина. Почна да ме испрашува со сѐ помеки и попријателски прашања, внимавајќи притоа да не предизвика плач во мојот гранично растреперен глас. Мојата болка поради неправдата кон моите деца допираше се подлабоко до нејзината правдољубива душа. Постепено мразот во очите на обвинителката Фетаи се стопи и стана чај од мајчина душица. Заштитнички се постави кон мене. Очигледно беше дека сочувствува со мене и со моите деца. Кога распитот заврши, таа ми го даде бројот на мобилниот, за да и се јавам утредента штом  ја донесам оригиналната судска пресуда за издршката.

Утредента

Ја побарав обвинителката Фетаи по мобилен за да и кажам дека сум пред писарницата. Таа се симна целата задишана, и од архиварот го подигна документот што го должев. Рече дека за некој ден заминува на породилно отсуство, и дека обвинението ќе го покрене веднаш. Ми рече дека ќе бара итно рочиште во Суд поради итноста на материјата и поради нејзината блажена состојба. И се заблагодарив и притоа и изреков разноразни благослови за неа и нејзиното бебе. Таа жена беше целата олицетворение на правдата. Таа беше создадена за да дели правда. Како мене е, си велам. Имало и други жени витези, амазонки, си помислив. Но, дај да не си правам бајрам на паметот. Можеби ништо нема да испадне од сето ова. Може вечер на полноќ ќе се породи и предметот ќе заскита во нечија друга фијока. И толку од нејзината љубов за правда за моите деца.

Пресуда

Немаше ни три седмици, кога стигна известувањето од Кривичниот Суд, дека таткото е осуден со казнен налог.  Тоа значи, ако не плати сѐ што должи, дека ќе го пикнат во затвор. Ќе биде обратно од она што тој им го верглаше со години на моите деца: дека тој мене, не знам точно за што, ќе ме напикал во затвор. Тоа беа ВМРО-вските закани со кои живеев долги мачни режимски години.

Ете драги мои, тоа е за мене Фатима. Правда. Слика и прилика на големата Јустиција. Слепа правда која сопственото его го остави настрана и посегна да побара казна за сторителот на делото, за да моите деца добијат тоа што им следува по законот. Замислете, таа навредената од мене и криво-обвинета дека е ВМРО/ДУИ инсталација, се надмина себе си и постапи праведно. Таа експресно го заштити правото на моите деца.

Тенденциозно и злобно

И кога ќе чујам искомплексирани чеда грешни овоземни, премачкани со смрдеата на 7 смртни гревови, како се дрзнуваат да нападнат една сериозно професионална жена (нема да ја фалам колку е згодна и паметна) само поради периферни и ирелевантни за правдата, детаљи, јас сакам да се исповратам. Од злоба и тенденциозно се обидуваат да ја снижат, небаре така ќе бидат поголеми во сопствените очи. Тие грешници од петни и од други жили се кадри да и изнајдат микроскопска прашинка на трепавиците за да ја распнат на крст.

Тие дрски морализатори треба да сфатат дека Фатиме во оваа држава да смее да биде роб на лажните морални кодови создадени од тешки грешници. Ајде да ве видам, кој не грешел нека го фрли првиот камен. А каде згрешила, оваа еманципирана и професионална жена, ви се молам?? Има ли таков што ќе каже каде згрешила???? Да ве чујам???

Би можело да ве интересира

Советот на ЈО едногласно го отфрли барањето на Фатиме Фетаи за преиспитување на одлуката за отфрлање на нејзината кандидатура за државен јавен обвинител

Кој ќе го наследи Јовески: Фетаи, Раичевиќ и Коцевски чекаат мислење од Советот на јавни обвинители

Александар Тодески

Листата со тројцата кандидати за државен обвинител испратена во Владата

Фатиме Фетаи се откажа од трката за шеф на скопското Вишо обвинителство, иако имаше најдобра оценка за нејзината работа

Кристијан Ландов

Фатиме Фетаи ќе се бори со двајца мажи за шефовската фотелја во скопското Вишо обвинителство

Кристијан Ландов

И судијата Нанев на туѓа сметка навивал во Палермо со министерот, а тоа може да го прави и во иднина

Кристијан Ландов