„Денес е седмиот ден по црниот понеделник кога владеачката партија изврши државен удар“, пишува Владимир Милчин за настаните во понеделник, 24.12.2012.
Ви го пренесуваме во целост неговиот став:
Црн понеделник и по него
Денес е седмиот ден по црниот понеделник кога новинарите беа набркани од галеријата на она што некогаш беше собрание. Пратениците на власта го одобрија тоа. Некои со одобрување, некои со молчење. Сојузникот на Груевски Али Ахмети се „изрази„ со задоцнување дека никој не смеел да ги тепа новинарите. А Груевски лично се пожали дека му било непријатно, во стилот на хипокрит, зашто да биде Хипократ за него е недофатливо.
Денес е седмиот ден по црниот понеделник кога пратениците од Сојузот за иднината беа насилно исфрлени од она што некогаш беше собрание. Теророт врз нив требаше да остане невидлив по набркувањето на новинарите, но сликите на ужасот сепак излегоа на виделина. Не знам што беше поужасно, насилството или одобрувањето од пратениците на власта, ликувањето и злорадоста со кои беше поздравен триумфот на безумието кое со ќотек го воведе едноумието во она што некогаш беше повеќепартиски парламент.
Денес е седмиот ден по црниот понеделник кога, откако беа набркани новинарите и исфрлени опозиционерите, му беше изгласан вториот мандат на народниот правобранител кој беше нем сведок на насилството, со што го одобри. Во истиот миг се укина и себеси и својата функција. Али Ахмети го одмолча насилството врз пратениците, а неговиот партнер Никола Груевски, наредбодавачот, откако го одобри, му го префрли товарот на Трајко Вељановски.
Денес е седмиот ден по црниот понеделник кога владеачката партија изврши државен удар со тоа што ги поништи мандатите на пратениците избрани од народот и ги избрка на улица.
Денес е седмиот ден по црниот понеделник кога протестот против легализирањето на буџетската црна дупка беше анатемисан како „државен удар„! „Организиран државен удар„ без озвучување, мегафони, знамиња, транспаренти, обезбедувачи! И, додека се одвиваше „државниот удар„ очи в очи со до заби вооружени полицајци и под будното око на исти такви полицајци на зградите наоколу, се случи вистинскиот удар, партиско-полицискиот удар, нападот врз седиштето на СДСМ. Речиси едновремено со државниот удар со кој беше поништена волјата на граѓаните кои ги дадоа гласовите за пратениците на кои насилно им беа поништени мандатите.
Денес е седмиот ден по црниот понеделник кога теророт во она што беше некогаш собрание го укина алибито за молчаливите кое се состоеше во тврдењата дека опозицијата ни била млака, нејзините пратеници си уживале во собраниските фотелји и плати и слично. Конформизот и опортунизмот останаа без алиби. Ниту една монтажа на сцените на теророт емитувана на Шител и Канализација 5 не може да ја изврти вистината за организираното и дозволеното насилство врз пратеничките.
Денес е седмиот ден по црниот понеделник кога власта ја прекрсти Република Македонија во Централна Република Кореја, а Ким Ил Сунг се реинкарнира во Никола Груевски. Кој не верува, нека ја погледне подолу веста на Шител. Не можам, а да не се согласам со Стојанче Ангелов, кој на вчерашниот протест кажа дека „комуњарите„ се всушност во Жолтата куќа. Шител и не е свесен дека ни го покажа Груевски со турнати гаќи, како се обидува да им го испере умот на децата. Политичка злоупотреба на малолетници кои ги третира како идни регрути на својата партиска војска. Им веќава брда и долина, а не им кажува колку ги задолжил уште од мали нозе.
Седум дена насилство, неправда, лаги и демагогија ни приредија груевци и груевистите. Седум дена кои, се надевам, ќе ја потресат Македонија доволно за да се разбуди од кошмарот и да извика ДОСТА Е!