„Застанат на аголот на улиците „Ленинова“ и „Илинденска“, ги пречекав учесниците во маршот на отпорот против режимските лаги. Не можев да го здогледам крајот на колоната која извираше откај стадионот во кој е сместена Ѕинговата телевизија за дезинформирање и клеветење, позната како Шител“, пишува во колумната за ОКНО „Проклетсво на паметењето“, Владимир Милчин.
Маршот вели, заврши пред зградата на која, без каква и да е оправданост, сѐ уште пишува МРТВ. Од каршија, над непрегледната маса се извишуваше транспарентот МРТ(О)В ЈАВЕН СЕРВИС. Со многу оправданост
„Проклето да е паметењето кое ме врати на една заборавена мачна епизода од крајот на 2006 година кога бев член на Советот на МРТВ, именуван од Собранието на Република Македонија на предлог од Факултетот за драмски уметности. Едно попладне, на влезот во приземјето, ме запреа луѓето од обезбедувањето и ми соопштија дека директорот им наредил да не ме пуштат во зградата на МРТВ, во која требаше да се одржи седница на Советот на која бев уредно поканет. Мачната ситуација заврши со тоа што Советот, во знак на солидарност со мене, ја одржа седницата надвор од зградата на „јавниот сервис“. Некои медиуми известија за инцидентот, но не се сеќавам дали Собранието побара одговорност од налогодавачот“, пишува Милчин.
„На врвот на подзаборавениот „јавен сервис“, на 17-от кат, се вгнездила комисијата која божем верификува факти и со која манипулира претседателот без мандат познат како Аџиевски Лажот, кој се „прослави“ и со лустрирањето мртовци. Зашто, нели, ни живи ни мртви, мртовците од „проклетото минато“ не смеат да се доберат до јавни функции! Значењето на фактот дека гнездото на Аџиевски Лажот се наоѓа на врвот од зградата на мртвиот информативен сервис не ги надминува рамките на симболизмот, но тоа не ја намалува неговата морбидност и перверзност. Зашто, неколку ката подолу, „јавниот сервис“ ги извршува налозите што ги извршува и Аџиевски Лажот, со таа разлика што тој им дише во вратот на оние подолу“, пишува Милчин во колумната.