Тројцата судии на кривичниот совет, Иван Џолев, Огнен Ставрев и Васка Николовска Масевска не му ја прифатија жалбата на ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков да се брани од слобода за притворот во случајот „Империја“. Мијалков останува во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, а на судење ќе го носи затворската полиција.
„Постапувајќи по жалба на одбраната на обвинетиот С.М. изјавена против решение на судија на претходна постапка со кое се прифаќа предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите за определување мерка притвор во предметот од обвинителството означен како „Империја“, кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, во текот на вчерашниот ден, одржа јавна седница во присуство на странките. По произнезување на странките како и ценење на фактите и доказите во жалбата, советот донесе решение со кое ја одби жалбата и го потврди решението на судија на претходна постапка, на начин што определи мерката притвор да продолжи да опстојува поради постоење на причините предвидени во член 165 ст.1 т.1 од ЗКП“, соопштија од судот.
Во еден од аргументите поради кои Мијалков доби притвор се наведени телефонски повици кон црногорската амбасада во земјава, а се потенцира и дека контактирал со српски и други странски телефонски броеви. Во делот на опасност од влијанието врз сведоци, во решението за притвор на судијката Весна Димишкова пишува и дека Мијалков ги дознал некои од сведоците на СЈО за „Империја“, ги контактирал и им посочувал да не откриваат ништо пред обвинителите.
За Мијалков во моментов има 4 активни обвиненија за случаите: „Таргет-Тврдина“, „Тортура“, „Трезор“ и „Титаник 2“. Во „Империја“ триесетдневен притвор добија пет осомничени лица. Во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари се бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, директорот на Пелагонија Цветан Панделески, како и директорот на фирмата Ексико Тодор Мирчевски.
Во овој случај, СЈО поради основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело, гони 14 лица, а истрагата најавија дека ќе се проширува.
Васко Маглешов