Мијалков не дојде да сведочи, ВМРО-ДПМНЕ побараа Анкетна денеска да не испрашува

Од:

Поранашниот шеф на УБК, Сашо Мијалков го избегна денеска соочувањето пред Анкетната комисија каде требаше да одговори на прашања за прислушувањето кое се одвивало во Управата врз илјадници граѓани, како и за наводите во објавените телефонски разговори кои упатуваат на кривични дела и бројни законски прекршувања. Членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ, пак, на денешната седница побараа да се отстрани од дневен ред точката сослушување на сведоци, поради која седницата беше свикана.

Недоаѓањето на Мијалков не ги изненади пратениците затоа што и денеска се расправаа меѓу себе дали Деловникот е испочитуван и дали процедурите се запазени. Не изостанаа ниту навредите, понижувањата и личните дискредитации. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваа претседателот, Петре Шилегов, дека не е упатен, дека нема искуство и дека го прекршува Деловникот.

– Или ние сме неписмени, или вие сте, нема трето – му рече Владанка Авировиќ од ВМРО-ДПМНЕ.

– Очигледно имате цел само да ме дискредитирате како претседател иако сме колеги. Но според мене вие сте со украден мандат и всушност не сме колеги, но тоа е различна перцепција – им возврати Шилегов.

На почетокот од седницата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ половина час му забележуваа на претседателот дека ги занемарува записниците од претходните седници кои треба да се изгласаат на почетокот на следната, за на крај Шилегов да им соопшти дека нема записници за седници кои не се завршени. Седниците на кои одбија да се појават Груевски, Ставревски и Протоѓер, како што рече Шилегов, не се затворени, туку се одложени, поради што не може да се изработи и усвои записник.

По тоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа да се отстрани од дневен ред точката сослушување на сведоци и наместо тоа Комисијата да усвои заклучоци. Со еден заклучок Комисијата би побарала од МВР да и го достави внаштрениот извештај спроведен во УБК за масовното прислушување, а со вториот би побарала материјали од Специјалното јавно обвинителство. Шилегов рече дека за овие прашања Комисијата ќе разговара на 16-ти декември според предвидениот план на работа.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ воопшто не гласаа за оваа точка, а воздржана беше независната пратеничка Роза Топузова Каревска. „За“ гласаа само тројцата присутни членови од СДСМ. Членовите на Комисијата од ДУИ и ДПА не беа присутни.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Мизрахи бара продолжување на работата на Анкетната за Онкологија

A1on

Филипче: Реверсот не го оправдувам, за да има лек за сите паценти морале да го земаат

Сали побарал оставка од директорот Васев: Поранешниот министер сведочеше пред Анкетната за „Онкологија“

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Шилегов: Поради бојкотот и блокадата од ВМРО-ДПМНЕ, Анкетната не функционира

Емир Латифовиќ

Собранието ја продолжи расправата за анкетна комисија за фалсификување лични карти

Емир Латифовиќ

Продолжува расправата за Анкетната за фалсификувањето лични карти

Емир Латифовиќ