Мицкоски ќе го добие мандатот, за да формира влада треба во Собрание да помине реорганизацијата на министерствата

Од:

На ден пред истекот на крајниот рок се очекува претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова да му го додели мандатот за формирање на нова влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека владата ќе биде формирана согласно уставните рокови, а од коалицијата „Вреди“, со која ВМРО-ДПМНЕ преговара, очекуваат за три до четири дена да има конечен договор.

Рокот за доставување на мандатот завршува в петок, на 7 јуни, откога почнуваат да течат дваесетте дена за формирање на владата.

Во меѓувреме, течат преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ за формирање на новата влада. Иако поделбата на ресори веќе е објавена и неофицијално се споменуваат имиња на новите министри, сепак, се уште нема официјална информација кога ќе биде финализиран конечниот договор за формирање влада.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски вчера изјави дека според неговите очекувања новата влада би можела да биде формирана малку порано од крајниот рок, но дека се уште се во тек разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.

Доколку Сиљановска Давкова утре го додели мандатот, рокот од 20 дена за формирање Влада истекува на 25 јуни. Партиски извори за МИА, велат дека Собранието би можело и порано да ја изгласа новата влада.

За Владата да биде изгласана потребно е апсолутно мнозинство од најмалку 61 пратеник од вкупно 120 – члениот Парламент.

Во Собранието, пак, се прават подготовки за измени на Законот за организација на работата на органите на државната управа за да може да се изгласа новата реорганизирана влада и да се изберат нејзините членови. За да се донесат измените на овој закон потребно е двотретинско мнозинство или 80 пратеници, а според сегашната математика, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ (58) со Вреди (14) и ЗНАМ (6) заедно имаат 78 пратеници.

ВМРО-ДПМНЕ во својата изборна програма „Платформа 1198“, најави реорганизација на министерствата. Новина ќе бидат отворањето на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, што досега било само сектор во Министерството за економија, и трансформација на Агенцијата за млади и спорт во Министерство за спорт. Секторот млади треба да влезе во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а ресорот труд да влезе во Министерството за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура. Министерството за информатичко општество и администрација треба да стане Министерство за дигитална трансформација.

Би можело да ве интересира

Мециновиќ: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ саботираат една изборна единица

ДУИ: Како семејниот клан на Изет Меџити го пустоши МЕПСО преку активисти на ВЛЕН

Лимани: За предвремени избори сум и нема веќе да бидам дел од „Вреди“

ЗНАМ: Подолг период беше јасно дека Цеков политички и вредносно се оддалечува од принципите и државотворната визија на ЗНАМ

Филипче по одлуката на Цеков: Тендер-коалицијата почнува да се распаѓа!

Миле Цеков ја напушти ЗНАМ, пратеникот ќе дејствува независно

Горан Наумовски