Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Попоски и Никос Коѕиас на средбата пред две недели во Будимпешта размениле листи со точки за мерките за градење доверба.
Ова синоќа го соопшти Коѕиас по средбите во Њујорк со медијаторот Метју Нимиц и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун.
Шефот на грчката дипломатија информира дека со Нимиц разговарале за текот на преговорите за прашањето за името, а го брифирал и за разговорите во врска со мерките за градење доверба.
– Во Будимпешта, каде што бев пред две недели, разменивме листи со точки за мерките за градење доверба, и, како што видовме во изминатите десет дена, има совпаѓање во ставовите за некои точки кои би можеле да послужат како појдовна точка за дијалог, изјави Коѕиас.
Тој додаде дека, исто така, го информирал Нимиц оти грчката страна сака дијалогот да продолжи, не пропуштајќи да повтори дека, според него, „ зад спорот со името стои специфичен вид на иредентизам“.
Коѕиас со Бан Ки Мун кусо разговарал за Македонија, затоа што, како што кажа, „генералниот секретар на ОН веќе бил информиран од страна на Нимиц“.
И канцеларијата на Нимиц објави соопштение за средбата со Коѕиас, во кое се вели дека средбата била дел од тековните напори и оти се дискутирало за преговорите со цел изнаоѓање взаемно прифатливо решение за прашањето за „името“.