Денеска сретнав тројца затвореници кои отслужуваат казна, а кои се болни од рак. Целта не ми е само да се намали затворската казна, туку да се испразнат затворите и да се направат услови каде затворениците нема да се третираат како животни, туку како луѓе кои ќе треба да се ресоцијализираат, вели активистката за човекови права, Мери Николова.
Нејзината иницијатива за предлог-закон за амнестија стартуваше вчера и за два месеци треба да се соберат 10.000 потписи за предлог-законот да влезе во Собрание. Николова е оптимистична и вели дека за рекорден рок ќе го собере потребниот број на потписи. Деновиве ги обиколува градовите во внатрешноста на земјата за да ги информира граѓаните.
Предложениот закон предвидува на затворениците да им се намали казната за 40 отсто од правосилноста на пресудата. Така доколку на некого му е изречена казна затвор од 13 години, овој предлог-закон му ја намалува на пет години. Николова вели дека целта не е осудениците да се ослободат, туку да реши проблемот со пренатрупаноста во затворите, да се подобрат условите и да се зајакне кадровското решение.
-Граѓаните допрва се информираат за иницијативата, но работите се одвиваат добро. Слушнав дека во Чаир имало проблем. Лица од специјалните единици на МВР, а во цивилна облека, ги заплашувале оние што сакале да се потпишат и ги бркале од влезот. Како и да е, мене не можат да ме сопрат – вели таа.
За да го забрза процесот Николова не ја исклучува можноста повторно да организира протести пред Собрание.
-Се зависи како ќе се одвиваат работите откако ќе ги собереме потписите. Јас ќе барам законот да биде донесен што поскоро и ќе почнам со галама во ноември – додава таа.
Според предлог-законот, на амнестија не подлежат лицата правосилно осудени на казна доживотен затвор и за кривични дела против човечноста и другите добра заштитени со меѓународното право. Пред да стартува иницијативата затворениците речиси една недела штрајкува со глад, додека нивните семјства протестираа пред Собранието.
Маја Васева