Како меѓуетнички се перцепираме во секојдневието? Не еднаш сум налетал на кретен кој ми рекол „а бе, ти ич не личиш на Шиптар!“, „Ајван еден!“ Што да му одговориш на будала кој може себе си да си дозволи таква изјава, а смета дека е интелектуалец! „Ма, смеј се будалама!“ Во таква ситуација имам секогаш спремен одговор, во стилот – „Па и ти не ми личиш баш на Македонец“!.
Така го неутрализираш соговорникот враќајќи му ги сите бумбари назад во глава, па нека си ги преброи. Кога добро ќе размислам, се прашувам дали постои некаков стереотип толку јако етаблиран, да ние можеме да се препознаеме едни со други на улица, а да не сме изустиле ни збор? Не верувам. Арно ама, поразително е тоа што го имам слушнато од начитани, прошетани, ѓоа „информирани“ луѓе кои за себе сметаат дека се некој и нешто.
Та, многу се изрелативизира и тоа да си „некој и нешто“! Сите сме ние едно големо ништо, се додека се однесуваме вака.
Двата носечки етникуми во нашето општество се истовремено и два дијаметрално различни амбиенти во однос на јазикот, културата, религијата и обичаите. Единствената
наречи ја „сива зона“ во кое нештата се преклопуваат и разликите не се толку изразени, се урбаните протоколи на однесување во секојдневието во кое се движиме и дејствуваме.
Во мултиетничките средини, заедничкиот именител е пристојното однесување, комуникацијата на официјалниот (службен) јазик, и негување на мирот и редот. Во средините кои се етнички наречи ги чисти, хомогеноста од етничко-културолошки аспект создава во секојдневието една стандардна слика на „сите тука си се наши!“.
Тоа на сите оние кои се неспремни да се соочат со различните од себе, им дава конфор во делот на чувството на незагрозеност. Во мешаните средини, во поголемите градови како Скопје, палетата на ликови и култури е голем лавиринт во кој само оние самоуверените во квалитетот на својот став и личност се спремни да комуницираат на мулти-културно ниво.
Се останато што е шетано-недошетано, учено-недоучено, урбано-недоурбано, претставува секојдневен потенцијален извор на антагонизми кои многу лесно во време на зовриени меѓуетнички, меѓурелигиозни релации, може да резултира со конфликти на разни нивоа. Но, да ги поедноставиме нештата и да разговараме онака „ачик“ и без влакна на јазикот.
Најтрагичното нешто што може да му се случи на едно релативно мало општество какво што е нашето, е тоа, луѓето да не се познаваат доволно. Секако, невозможно е секој со секого да се познава, но се создаваат стереотипи како последица на културолошките и другите разлики меѓу етникумите, кои се припишуваат на припадникот на едната страна.
Е, тука лежи зајакот на приказната! И едната и другата страна смета дека треба да бидеш ист како неа за да бидеш прифатен како „нормален и свој!“ кој е нормален, а кој свој во мултикултурно општество? Сите се свои и сите се нормални. Прашањето колку сите ние се прифаќаме онакви различни какви што сме, е материјал за докторска дисертација.
Синтагмите од типот на „ти не личиш на Шиптар или Македонец“ подразбира дека си ист или сличен како соговорникот и така си многу „подобродојден во друштво“. Секако, тоа не се однесува на сите граѓани, затоа што не се сите учени-недоучени или шетани-недошетани! Како тоа ние се перцепираме во секојдневието, а на меѓуетничка и интеркултурна основа? Дали некој од етникумите подразбира дека е „супериор“ а некој „инфериор“?
Вистинската урбана единка, вистинскиот „господин човек“, си е господин во било кое опкружение и во било кое друштво, додека тупакот си е тупак дури и на Антарктик меѓу пингвините. Прашањето на елементарна култура, урбан „ап ту дејт“ кон секојдневната комуникација и живеење, не е привилегија ниту на еден етникум.
Тоа е дваесет и прво столетна придобивка во која или си ок или не си ок! Генерално, во средини каде што примитивата е дифолт, каде што националромантизмот во својата агресивна форма создава модел на „или си како мене, или си против мене“ не треба да им се замерува на примитивци да тресат што сакаат. Та, не се дефинирани за бадијала како примитивци.
Но, дури и онаа фела која себе си се смета за академска, во еден свој голем дел, исто потфрла. Кај сите страни. Без исклучок. П.С. Силата на тупаницата со која треба да се тресне на маса и да се каже „алоо, кај ви е паметот“, е сплет на пет различни прсти. Заедничкиот именител е зборот прст. Силата на тупаницата ја создаваат стиснати пет различни прсти со пет различни димензии, функции, имиња и прекари. Физичката и менталната сила на општеството ја создава мултиколоритот, мултикултурата, различноста на атомите што ги носиме во себе и создаваме молекули. Молекулите создаваат клетки, клетките -ткива.
Ткивата создаваат тело. Телото е цврсто онолку колку што во својата интерконекција корелираат и функционираат стотиците разни хемиски елементи во својата елементарност.
Во нашето секојдневие кај многумина адаптацијата на туѓиот јазик и култура се третира како полтронство. Заблуда. Тоа е само рефлекс на елементарната култура. Секој граѓанин е, и треба да биде горд на својот идентитет олицетворен во јазик, култура, религија. Но, колку е квалитетно нивото на урбаната свест која во мегалополиси подразбира следење на протоколите на урбаната комуникација и корелирање.
Колкумина од два милиона жители во Р. Македонија имаат реално квалитетни урбани корелации со сите свои нишани? Доаѓаме повторно до она што го зборувам сто пати и повторно и повторно. Не се познаваме (или не сакаме да се запознаеме) доволно добро. Во битието на човекот како биолошка единка стои дека непознатото предизвикува страв. Тоа е природна реакција. Стравот предизвикува одбивност. Одбивноста предизвикува антагонизам.
Антагонизмот предизвикува конфликт. Конфликтот предизвикува армагедон. Светлото на крајот од тунелот, олицетворено во надеж дека сепак се менуваат нештата, се новите интернет генерации кои ке создадат квантитет на доволно информирани идни интелектуални единки. Квантитетот ке изроди квалитет.
Се разбира, секогаш ке има онакви, кои како што спомнав, нема да се разликуваат ментално од пингвините на среде Антарктик, но, секако ке има се повеќе и повеќе такви кои сеедно ке прифатат да се поздрават на било кој јазик носени од максимата која вели дека е битно квалитетно да се комуницира.
Тоа воопшто нема да значи дека некој е „издајица рода свога“, или дека не е достоен претставник на својот етникум, вера, култура. А од друга страна пак, квалитетната комуникација ке изроди токму уште поголема взаемна почит. А онаму каде што меѓупочитта и респектот ке егзистираат, ке егзистираат сите со своите изворни форми, со комплетните свои битија кои носат различност која им дава идентитет. И така, ке има и палец, и показалец, и среден прст и до него, и мало прсте „пинцурче“,.. ама сите заедно ке се викаат рака во која лежи клучот на квалитетната иднина.
Агим Јонуз