Сензационализмот, непрофесионалноста, игноранцијата, непрепознавањето и непочитувањето разлики, како и негативното стереотипизирање стануваат карактеристика на медимските известувања за евровизиските изведувачи кои ги доведуваат под прашање традиционалните родови норми и категории.
Пишува: Жарко Трајаноски, магистер по човекови права
Во 1998 година, естрадното име „Дана Интернационал“ ги освои насловните страници и на македонските весници. „Дневник“ со фотографија на насловната страница акцентираше дека „Дана, трансексуалец, која настапи со песната „Дива“ победи благодарение на македонската публика, која гласаше последна…“.
Медиумска трансформација на „Дана Интернационал“ во трансвестит
Новинар(к)ите тогаш беа позаинтересирани за нејзиното „машко минато“, за нејзината сексуална ориентација и промената на полот, отколку за нејзината импресивна музичка кариера. Неделникот „Екран“ објави статија „Триумф на непожелната“ со следниве збунувачки идентификации: „таа (или тој, сеедно)“, „роден(а) во ерменско-еврејски брак“, „прв(ата) трансексуалец“ и „прв трансексуал(ен)на пејачка која настапила и победила на овој европски спектакл“. Ваквите лингвистички идентификации се показател за неприфаќање на родовиот идентитет на Шерон Коен со естрадно име „Дана Интеранционал“.
Години подоцна, во негативно стереотипизирачкиот наслов „Евровизија форсира сомнителна сексуална ориентација“ се спомнува „екстраженствената Дана Интернешенел од 1998 година“. Во написот „Евровизија како претскажување за акција“ погрешно се идентификува како „конроверзниот трансвестит Дана Интернешенел“, сугерирајќи преоблекување во жена, што претставува непочитување на родовиот идентитет на Шерон Коен која настапува како „Дана Интернационал“.
Неправењето разлика помеѓу трансвестит и трансексуалец е карактеристика и за дел од написите кога „Дана Интеранционал“ повторно настапи на „Евровизија“ во 2011. Тогаш се појавува и сензационалистичкиот напис „Јарон Коен веќе 20 години е женско“, кој претставува класичен пример за непочитување на личното име и родовиот идентитет. Имено, написот дезинформира дека Јарон Коен „пред 20 години го сменил полот, станал женско и од тогаш го користи само уметничкото име Дана Интернешенел“. Написот тврди „Јарон победи во 1998 година“, а не настапувачката „Дана Интернационал“ (со лично име Шерон Коен).
Новинар(к)ите треба да знаат дека сензационалистичкото идентификување на лицата кои го смениле својот пол (или го потврдиле својот род, кој не им бил признаен при раѓањето) искучиво со нивните променети имиња, ги зајакнува стереотипите и предрасудите кон транс луѓето и го повредува нивното достоинство.
Медиумска трансформација на „Кончита“ во трансексуална личност
Дел од медиумите почнаа да прават неосновани споредби помеѓу Дана Интернешнал и Кончита уште пред почетокот на „Евровизија“. На пример, во написот „Чудаци на Евровизија: Ексцентричноста привлекува но пресудна е песната“ лингвистички се поистоветува „трансвеститот Дана“ со „трансвеститот Кончита Вурст“. И во осудувачкиот наслов „Нешто е гнило во државата Данска“ се прави неоснована споредба: „Своевремено Израел победи на оваа манифестација, а нивниот претставник Дана исто така беше трансвестит“. Во написот, пак, „Кончита ќе се мажи!“ сензационалистички се експлоатира приватниот живот на „Трансексуалната личност од Австрија, Кончита Вурст“.
Меѓутоа, во едно свое интервју, „Кончита“ експлицитно укажува на неоснованоста на новинарските поистоветувања со „Дана Интернационал“ како трансродова личност. За разлика од Дана, која ја смета за трансродова личност, Кончита себеси се смета за уметник во преоблекување („drag artist“), опишувајќи го својот имиџ како „забава“. Сепак, според Кончита преоблекувањето на сцена претставува одговор на хомофобичните напади. Пораката на нејзиниот имиџ е дека ако сакаш да бидеш брадеста жена, имаш право на тоа без да бидеш дискриминирана.
Значи, наместо неумесниот опис на „Кончита Вурст“ како „трансексуална личност“, посоодветно би било да се зборува за „уметнички лик“, за уметничка креација на Том Нојвирт (кој има дипломирано на школа за мода), креиран како одговор на дискриминацијата во неговите тинејџерски денови. Според Том, „намерата со неговата креација на ликот Кончита му е на светот да му покаже дека секој може да прави она што сака, сѐ додека не му наштетува на друг: „Се работи за човекови права. Со својот живот можеш да правиш што сакаш, конечно секој го има само еден единствен“.“ (Брадатата Кончита ја доби европската музичка круна)
Медиумите, хомофобијата и трансфобијата
„Но андрогиноста (тоа „ни машко-ни женско”, или и двете одеднаш) не само што не е нов феномен, туку е еден од најдревните принципи вградени во митологијата на бројни народи, па дури – колку и да звучи чудно – на Македонецот.“ (КОНЧИТА И КОНТРОВЕРЗНОСТА НА ЖЕНСКАТА БРАДА).
Изведбата на Кончита и нејзината победа на „Евровизија“ предизвика лавина негативни реакции во медиумите и на социјалните мрежи. Повеќе новинар(к)и манифестираа непочитување на различноста и придонесоа за зајакнување на родовите и сексуалните стереотипи. Многу новинар(к)и пишуваа за ликот на Кончита врз основа на сопствените негативни стереотипи и предрасуди. Иако етичка должнст на новинар(к)ите е да не поттикнуваат на дискриминација врз која и да е основа, дел од нив сензационалистички поттикнуваа на дискриминација врз основа на пол, род и родово изразување, врз основа на изглед и врз основа на сексуална ориентација.
Етичка должност на новинар(к)ите е да не објавуваат материјали кои имаат за цел да шират непријателство и омраза, но многу светски медиуми објавуваа материјали кои ширеа омраза врз основа на род и сексуална ориентација. Некои македонскимедиуми отидоа дотаму што настапот на Кончита го претставија како „напад на содомистичкото лоби“ (повикувајќи се на неидентификувани „многу експерти“): „Многу експерти се уверени дека жителите на Европа станале жртви на масовен информативен напад на содомистичкото лоби кое се обидува на мнозинството да му наметне свој поглед на светот.“
Многумина во Австрија, уште пред нејзиниот настап, го оспоруваа процесот на селекција на Кончита и протестираа, барајќи нејзино отповикување и организирајќи се на социјалните мрежи. Но, зад Кончита застанаа многу новинар(к)и и јавни личности, укажувајќи дека зад таквите барања стојат хомофобични, трансфобични и сексистички предрасуди.
Етичка должност на новинар(к)ите е да ги доведуваат под прашање, а не да ги зајакнуваат негативните предрасуди кон одредени поединци и групи поради нивната различност. Медиумскиот феномен „Кончита“ може да послужи не само како поттик за учење и препознавање на културни и други разлики, туку и за трансформација на новинар(к)ите од пасивни проследувачи во активни поддржувачи на борбата против дискриминацијата врз основа на пол, род и родово изразување, изглед и сексуална ориентација.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).