Мартин Протоѓер се спаси од кривичен прогон за „Талир“

Од:

Поранешниот шеф на кабинетот на експремиерот Никола Груевски, и ексгенерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протоѓер, се спаси од кривичен прогон во предметот „Талир“, дознава „Макфакс“ од обвинението кое е доставено до кривичниот суд во Скопје. За него кривичното дело има апсолутна застареност и не може кривично да се гони.

Протоѓер во периодот од 2009 до 2012 година, како овластен потписник на редовната жиро-сметка на партијата, иако не смеел, пуштал во натамошен оптек пари кои биле уплаќани од фалш ПП10 уплатници, како донации и членарини.

„Мартин Протоѓер, за кого гонењето е застарено, иако бил должен и можел да знае дека парите потекнуваат од кривично дело, како овластен потписник на редовната жиро-сметка на обвинетото правно лице – политичката партија ВМРО-ДПМНЕ со потпишување на налози, паричните средства кои потекнувале од кривично дело во вкупен износ од 20.550.000 денари ги пуштил во натамошен оптек“, пишува во дел од обвинението.

Протоѓер е обвинет во предметот „Титаник“ за злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и повреда на слободата на определување на избирачите.

Груевски пред да избега за Унгарија избегнувал да го прими известувањето за завршена истрага

Експремиерот Никола Груевски, пред да избега за Унгарија одбегнувал да го прими известувањето на специјалното јавно обвинителство за предметот „Талир“ дека истрагата е завршена, пишува во обвинителниот акт испратен до кривичниот суд.

Во предлогот на обвинението со кој СЈО побара притвор за Груевски пишува: „Иако обвинетиот Никола Груевски се јави на поканата на ова Јавно обвинителство и даде своја одбрана, сепак одбегнуваше да го прими известувањето за завршена истрага. Ова произлегува од доставниците во кои се констатирани обидите да му биде врачено известувањето, како и од неговата пасивност во однос на подигање на известувањето, за што исто така беше уредно известен“.

Кирил Божиновски во Владата ги притискал газдите на фирмите да дадат кеш за партијата

Во едниот обвинителен акт за предметот „Талир“, пишува дека Груевски во име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ прибирал финансиски средства во готовина од анонимни извори и од правни лица кои по пат на договор вршеле јавни услуги за државни органи, за јавни установи или претпријатија и кои согласно членот 20 од Законот за финансирање на политички партии не можеле да бидат финансиери на политичка партија.

„На состаноците Кирил Божиновски како тогашен генерален секретар на Владата, во неговите работни канцеларии ги повикувал претставниците на правните лица кои по пат на договор вршеле јавни услуги за државни органи, за единици на локална самоуправа или за јавни установи или претпријатија, на дел од кои состаноци во текот на 2013 година бил присутен и обвинетиот Миле Јанакиески и на кои состаноци на претставниците на фирмите им вршеле притисок да дадат пари во кеш како противуслуга за добиените договори за јавни набавки и реализиран профит“, пишува во обвинението.

Парите во готовина кои потекнувале од анонимни извори, Никола Груевски не ги уплатил во Буџетот на РМ, а паричните средства во готовина кои потекнувале од правни лица, кои по пат на договор вршеле јавни услуги за државни органи, за единици на локална самоуправа или за јавни установи или претпријатија како противправен извор на финансирање на политичките партии, не ги вратил на лицата од кои ги добивал, како што имал законска обврска да постапи.

Во обвинението пишува дека Груевски овозможил користење и располагање со готовината која потекнувала од анонимните и противправни извори на финансирање со што прибавил незаконски средства за финансирање на обвинетото правно лице – политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во значителен износ од најмалку 283.432.656 денари или приближно 4,6 милиони евра.

Обвинетите Миле Јанакиески и Елизабета Чингаровска организирале во генералниот секретаријат и во месните организации на ВМРО-ДПМНЕ да бидат изготвувани фалсификувани исправи ПП10 уплатници, кои содржеле невистинити податоци, како да станува збор за лични донации или членарини на лицата наведени во ПП10 уплатниците, по што парите биле уплаќани на редовната жиро-сметка на ВМРО-ДПМНЕ како да се донации и членарини и како уплатата да ја вршат лицата наведени во уплатниците.

Досега во кривичниот суд за „Талир“ од адвокатите на обвинетите стигнале 5 приговори за двете обвиненија. СЈО само за едниот предмет има над 350 страници доказен материјал. Штом помине законскиот рок од 8 дена откако сите обвинети ќе добијат доставница дека примиле обвинение, тројца судии од скопска единица ќе треба да го оценат обвинението, по што треба да биде закажано првото судско рочиште.

СЈО поднесе две обвиненија за случајот „Талир“. Едното обвинение е за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, а другото за незаконската изградба на седиштето на партијата.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

ОЈО го измени обвинението во „Талир“, застаре едно од делата на Миле Јанакиески

Горан Наумовски

Изборот на нови судии во Апелација, може да ги врати „Ласкарци“, „Титаник“ и „Талир“ од почеток

Дел од измените на Кривичниот законик од утре стапуваат на сила: Што ќе значат за осудените ексфункционери

Александар Тодески

Судот во Стразбур ќе ја објави одлуката за поништената аболиција на Иванов

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Интервју со синот на Катица Јанева: Во пералната и фонтаната ни бараа прислушкувани разговори, мајка ми има што да каже, ќе дојде ден

Кристијан Ландов

Титаник: Јанакиески доби најголема казна од 4,6 години, Протуѓер е условно, Јанкулоска 2,6 години затвор

Кристијан Ландов