Маричиќ: Останува отворена вратата за ВМРО-ДПМНЕ за учество во работната група за уставните измени

Од:

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ коментирајќи ја одлуката на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да учествува во работната група за уставните измени, рече дека е жално доколку не учествуваат и дека одговорност има секоја политичка партија, посочувајќи дека вратата останува отворена за нивно приклучување.

-Јас реков дека ја пропуштија шансата при нашиот влез во НАТО и дека не треба да ја пропуштат сега шансата кога се работи за членството во ЕУ. Вратата ќе остане отворена за нивно приклучување. Тоа не е од интерес само на Владата или на кој било еден политичар, овој процес е од интерес на државата и граѓаните и ние треба да го комплетираме заеднички, рече Маричиќ.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешното потпишување на договорот за грант од ЕИБ за пречистителната станица во Скопје, Маричиќ рече дека одговорноста ја носи секоја политичка партија и секој политичар.

-Јас сум убеден дека и во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе кои го разбираат ова многу добро и кои нема да дозволат да бидат заложници на некаква антиевропска политика. Тоа би било лошо за државата, би било лошо и за најголемата опозициска партија. Ние како Влада сме должни да разговараме,да упатуваме повици и тоа ќе го правиме и понатаму. Нам допрва ни следува разговор за уставните измени и не гледам причина да не учествуваат, па дури и ако се против, дури и ако имаат аргументи против, дајте да ги соочиме на маса, нагласи Маричиќ.

Според него, треба да се искористи шансата што ја имаме со отворањето на преговорите. – Времето не може да го вратиме, но може да ја искористиме шансата што сега ја имаме и да бидеме успешна приказна, рече Маричиќ.

Смета дека треба да се земат позитивните работи направени во изминатите 20 години, да се извлече поука од тоа и да се искористат наредните десетина години за да се комплетира овој процес успешно.

Вицепремиерот истакна оти е очигледно дека е зголемен интересот на ЕУ за регионот на Западен Балкан.

-Очигледно е дека има ангажман за да се решат отворените прашања во регионот. Минатиот викенд имаше иницијатива за решавањето на косовското прашање односно нормализацијата меѓу Белград и Приштина, сигурни сме дека ќе продолжат напорите и тука. Ние како Влада стоиме на располагање. Уште еднаш апелирам до опозицијата да се вклучи во разговор. Не мора да се согласиме за се, но во интерес на граѓаните да разговараме, заклучи Маричиќ.

Би можело да ве интересира

Маричиќ од Валандово: Членство во ЕУ за повеќе пари преку европските фондови

Маричиќ од Гевгелија: Инвестирани 813 милиони евра преку ИПА, интеграцијата во ЕУ носи повеќе за сите!

ПГ на СДСМ: Недозволиво е да се злоупотребува и блокира собраниската говорница за изнесување лаги

Пренџов: Примитивецот Маричиќ е срам за машкиот пол, барам премиерот веднаш да го разреши

Орце Костов

Маричиќ: Спомен собата на првиот македонски претседател Глигоров претставува значајно политичко наследство

Маричиќ: Македонското Собрание ќе ги помести напред преговорите со ЕУ

Горан Наумовски